Elena Teslova
24 Јануари 2024•Ажурирај: 25 Јануари 2024
МОСКВА (АА) - Рускиот воен авион што се упати кон Украина за размена на заробеници бил соборен од украинските вооружени сили во регионот на Белгород, тврди Москва, јавува Анадолу.
„Во авионот имало 65 заробени припадници на вооружените сили на Украина, шест члена на екипажот и три лица во придружба. Екипажот и сите патници на авионот загинале“, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Министерството инцидентот го нарече „терористички напад“ организиран со цел да се обвини Русија за убиство на украински војници.
„Авионот е уништен од страна на украинските вооружени сили од селото Липци, регионот Харков, користејќи противвоздушен ракетен систем. Радарите на руските воздушни сили забележаа лансирање на две украински ракети“, се вели во соопштението.
Министерството истакна дека украинските власти биле добро запознаени со планираниот транспорт со цел размена на затвореници.
„Според претходно постигнатиот договор, овој настан требало да се одржи во попладневните часови на контролниот пункт Колотиловка на руско-украинската граница. Со извршувањето на овој терористички чин, украинското раководство го покажа своето вистинско лице – ги занемари животите на своите граѓани“, се нагласува.
Украинските власти не ги коментираа обвиненијата.