Elena Teslova
09 Март 2024•Ажурирај: 10 Март 2024
МОСКВА (АА) - Денес Русија побара свикување состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) на кој ќе се разговара за идејата на францускиот претседател Емануел Макрон да испрати војници на НАТО во Украина, известува Анадолу.
Говорејќи на состанокот на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, заменикот постојан претставник на Русија во СБОН, Дмитриј Полјански рече дека Москва сака да знае повеќе за таквите „идеи за бременитиот почеток на Третата светска војна“.
На 27 февруари Макрон го потврди својот предлог до партнерите во НАТО за испраќање војници во Украина. Сепак, тој додаде дека официјален консензус за испраќање копнени трупи „сѐ уште не е постигнат, но ништо не може да се исклучи“.
Тој подоцна рече дека Франција ќе испрати војници доколку Русија стигне до Киев или Одеса.
Полјански додаде дека е подеднакво важно да се дискутира и за разговорите меѓу офицерите на германските воздухопловни сили за снабдување на Украина со ракети Таурус, како и за извештаите на медиумите дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) распоредила мрежа на шпионски бази во Украина, во близина на руската граница.
Минатата недела, германската влада се соочи со критики откако протекоа дискусии меѓу офицерите на воздухопловните сили за испорака на ракети Таурус во Украина. Се разговарало за потенцијални стратегии, како што е обезбедување на сателитски разузнавачки информации преку трети страни, наместо директно германско вклучување.
„Њујорк тајмс“ на 27 февруари објави дека во последните осум години ЦИА обучувала и снабдувала киевски разузнавачи во подземни бункери, од кои некои се закопани длабоко во шумите на Украина.