Muhammet Kurşun
04 Март 2021•Ажурирај: 05 Март 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека укинувањето на санкциите претставува предуслов за дипломатско решавање на меѓународниот спор за нуклеарното прашање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коментирајќи го спорот околу меѓународниот Договор за нуклеарната програма кој Иран со меѓународната заедница го постигна пред шест години, Рохани изјави дека тоа е конечен текст на договорот и дека нема збор за сместување нови содржини.
„Нека ги укинат санкциите, да ја активираме дипломатијата и да започнеме преговори. Санкциите се препрека на дипломатијата. Затоплувањето на односите е возможно само доколку САД ги укинат санкциите“, порача Рохани.
Истакнувајќи дека работите не треба да се одложуваат за утре, Рохани ја повика меѓународната заедница да ги укине санкциите и да тргне кон патот на дипломатско решавање на спорот.
„Доцнењето не може да донесе корист на никого, а за тоа се одговорни САД. Иран изјави дека ќе ги исполнува своите обврски штом се укинат санкциите. Да не губиме време залудно“, нагласи иранскиот претседател.
Рохани изјави дека Иран сака добра соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија и додаде дека тоа не е место за политика, туку за струката.