свет

Рохани: „Извор на тероризмот во регионот се САД и Израел“

- Рохани: „Корените на тероризмот во нашиот регион се САД и Израел. Овие две држави се главниот извор на тероризмот. И некои земји од регионот богати со нафта, за жал, ја презеле задачата да ги финансираат терористите.“

Muhammet Kurşun  | 14.02.2019 - Обновена : 15.02.2019
Рохани: „Извор на тероризмот во регионот се САД и Израел“

Tеhеan

ТЕХЕРАН (АА) - Претседателот на Иран, Хасан Рохани, изјави дека САД и Израел се извор на тероризмот во регионот, додавајќи дека и некои земји богати со нафта, обезбедуваат финансирање на тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).

Рохани, пред патувањето за Сочи, каде што ќе учествува на трилатералниот Самит Турција - Русија - Иран за Сирија, на аеродромот „Мехрабат“ во Техеран даде изјава за новинарите, осврнувајќи се на синоќешниот самоубиствен напад во иранската провинција Систан и Белуџистан во кој загинаа 27 ирански војници, за ситуацијата во Сирија и процесот во Астана.

Истакнувајќи дека е многу јасно кој е изворот на тероризмот во регионот, Рохани потврди: „Корените на тероризмот во нашиот регион се САД и Израел. Овие две држави се главниот извор на тероризмот. И некои земји од регионот богати со нафта, за жал, ја презеле задачата да ги финансираат терористите.“

Рохани, истакнувајќи дека ваквиот вид напади нема да имаат влијание врз народот и дека тој нема да потклекне пред големите сили, рече: „Сметката за пролеаната крв на нашите херои ќе ја земеме од овие изнајмени организации“, и додаде:

„На нашите соседи им препорачуваме дека е потребно да ги исполнат своите обврски за законски и добри односи. Да не дозволат нивната територија да се користи за злонамерни цели против нивните соседи. Доколку тие не можат да ги спречат терористите, јасно е дека според законите и меѓународните договори имаме право да го направиме потребното и ние тоа право ќе го користиме.“


- „Моделот што го развија Турција, Русија и Иран е многу добар модел“

Истакнувајќи дека на покана на претседателот на Русија, Владимир Путин, патува за Сочи каде што ќе учестува на 4. Самит за Сирија, Рохани наведе дека на Самитот ќе бидат разгледани регионалните прашања во рамките на процесот од Астана, и дека особено ќе биде разгледано прашањето за Сирија.

„Терористичките групи претрпеа сериозен удар во Сирија и се отстранети од голем број подрачја. Во различни делови од Сирија, во северниот дел на земјата и источно од Еуфрат, сѐ уште има терористички елементи“, рече Рохани.

Истакнувајќи дека е потребно одржување на трилатералите средби сѐ додека не се отстранат сите терористи, Рохани рече дека главна цел на трите земји е борбата против тероризмот и дека тие ќе продолжат со тоа.

Посочувајќи дека едно од најзначајните прашања поврзани со Сирија е постоењето на странски воени сили во земјата, Рохани ја даде следната проценка „Потребно е Сирија да ја напуштат сите сили кои се наоѓаат таму, а кои не се поканети од страна на сириската правна власт, особено американските сили. САД, првенствено прекршувајќи ги меѓународните договори, дојдоа во Сирија и таму се во позиција на окупаторска сила. Според последните соопштенија, велат дека сакаат да ја напуштат земјата. Доколку тоа е вистина, тоа е добра вест, но никогаш не можеме да им веруваме на зборовите и ветувањата добиени од САД. Ниту светот не им верува на нивните зборови, бидејќи раководството на САД секоја недела и секој ден нешто кажува.“

Рохани рече дена една од целите во нивната агенда е странските сили да ја напуштат земјата, и продолжи со зборовите „За нас значаен момент е територијалниот интегритет на Сирија. Потребно е Сирија во потполност да влезе под суверенитетот на администрацијата од Дамаск. Како нејзини граѓани, за Курдите соговорник треба да биде Владата од Дамаск. Постојано се истакнува дека територијата на Сирија нема да биде поделена, и дека ниту еден нејзин дел нема да влезе под суверенитетот на некоја друга земја.“

Од поважните прашања на Самитот и целта на трите земји, Рохани ги истакна враќањето на бегалците во своите домови и реконструкцијата на Сирија, додавајќи дека на трилатералниот Самит ќе биде разгледано и прашањето за формирањето на комисијата која ќе работи на подготовката на Уставот на Сирија.

„Моделот што го развија Турција, Русија и Иран за разрешување на проблемот е многу добар модел“, рече Рохани, и продолжи со зборовите:

„Постојано истакнуваме, регионалните проблеми треба да бидат решавани од регионалните земји. Многу добар пример за тоа е процесот од Астана. Во овој процес ние сме во контакт со ОН и нивниот генерален секретар. Посакуваме и овој самит да биде продуктивен. Некои прашања можат да бидат решени со разговор и се надеваме дека тие чекори ќе продолжат сѐ додека во Сирија не биде воспоставена безбедност.“

Рохани истакна дека за иднината на Сирија е потребна иницијатива на сирискиот народ, и додаде „Посакуваме во најкус можен рок да бидеме сведоци на мир, стабилност, безбедност и демократија во Сирија.“

Претседателот на Иран, Хасан Рохани, рече дека на Самитот, надвор од регионалните прашања, ќе оствари двојни средби со претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, на кои ќе се разгледаат билатералните односи.

Во југоисточниот дел на Иран, во иранската провинција Систан и Белуџистан, вчера беше извршен терористички напад врз автобус во кој се наоѓаа претставници на пограничните сили, дел од Армијата на револуционерната гарда. Во нападот загинаа 27 ирански војници, а 13 беа ранети.

Одговорноста за нападот ја презеде организацијата Џејшул Адл.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.