Романија: САД ќе го намалат военото присуство на источното крило на НАТО
Романските власти нагласија дека не станува збор за повлекување на американските сили, туку за завршување на тековните ротации во Романија, Бугарија, Словачка и Унгарија. Во земјата ќе останат околу 1.000 американски војници.
ЛОНДОН (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) ќе го намалат своето воено присуство во неколку земји на источното крило на НАТО, меѓу кои и Романија, откако сојузниците беа формално информирани за одлуката, соопшти денес романското Министерство за одбрана, пренесува Анадолу.
Според порталот „Romania Insider“, кој се повикува на соопштението на Министерството, САД ги известиле своите партнери дека ќе извршат делумно намалување на трупите распоредени на источното крило на Алијансата.
Романските власти нагласија дека не станува збор за повлекување на американските сили, туку за завршување на тековните ротации во Романија, Бугарија, Словачка и Унгарија. Во земјата ќе останат околу 1.000 американски војници, според официјалните податоци.
„Промената на големината на американските сили претставува ефект од новите приоритети на претседателската администрација, објавени уште во февруари“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на администрацијата на Трамп, која се врати на 20 јануари за втор мандат.
„Одлуката исто така ја зема предвид засилената улога и активност на НАТО на Источното крило, што им овозможува на САД да ја приспособат својата воена поставеност во регионот“, се додава.
Според извештајот, околу 800 американски војници ќе бидат повлечени главно од воздухопловната база Михаил Когалничеану, додека единиците стационирани во Девеселу и Кампија Турзии ќе останат.
Овој потег следува по извештајот на „Ен-би-си њуз“ од април, во кој беше наведено дека Вашингтон размислува да повлече околу половина од трупите кои моментално се распоредени во Источна Европа.
Администрацијата на Трамп постојано нагласува дека сојузниците во НАТО треба повеќе да придонесуваат за сопствената безбедност, при што претседателот повеќепати ја критикуваше Алијансата како „нерамноправна во трошоците и обврските“.
НАТО сè уште не издаде соопштение за ова прашање.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
