Michael Hernandez
08 Мај 2018•Ажурирај: 09 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Родителите кои илегално ќе влезат во Соединетите Американски Држави (САД) ќе бидат разделени од нивните деца во моментот кога ќе бидат притворени и ќе бидат правно гонети од страна на Министерството за правда, истакна јавниот обвинител Џеф Сешнс, јавува Anadolu Agency (AA).
„Воведов политика на „нулта толеранција“ за нелегалниот влез преку нашата југозападна граница. Ако нелегално ја преминете оваа граница, тогаш правно ќе ве гониме. Толку едноставно“, рече Сешнс во своето обраќање на Конференцијата за спроведување на законот во Калифорнија.
„Ако шверцувате дете, тогаш ќе ве гониме, а детето ќе биде одвоено од вас, како што бара законот“, додаде тој.
Оваа изјава ја зацементира тврдокорната промена на политиката откако претседателот Доналд Трамп започна со мерките за сузбивање на илегалната миграција.
Претходно, обраќајќи се пред групата за спроведување на законот во Аризона, Сешнс рече дека по префрлањето на случаите од Министерството за внатрешна безбедност (DHS), федералните обвинители „ќе преземат од тие случаи колку што е човечки возможно, сè додека не се достигне до 100 отсто (сработени случаи)“.
За да се постигне таа цел, Сешнс соопшти дека испратил 35 обвинители во југозападниот дел на САД и преместил 18 судии за имиграција на границата.
Агенциите за имиграција и гранична контрола на САД соопштија дека има пораст на нелегалните гранични преминувања во текот на изминатата година, а Министерството за внатрешна безбедност истакна дека над 50.000 лица се обиделе илегално да ја преминат границата, веќе втор месец по ред.
Официјалните претставници на Министерството соопштија дека бројот на нелегалните гранични преминувања во април е трипати поголем од оној во месец април 2017 година.
Сешнс истакна дека нема сомнение оти многумина од оние што илегално ја преминуваат границата бегаат од ужасните услови во сопствената земја, но истакна дека не можат да ги примат сите на Земјата што се во тешка ситуација.