Dildar Baykan
21 Февруари 2018•Ажурирај: 22 Февруари 2018
АНКАРА (AA) - ДИЛДАР БАЈКАН - Првото бебе се роди во болницата формирана од турското Министерството за здравство за араканските муслимани коишто ги напуштија своите земји поради прогонот и се засолнија во регионот Кокс Базар во Бангладеш, јавува Anadolu Agency(AA).
Амене Беѓум, којa избега од Аракан во Бангладеш поради прогонот на војската и будистичките националисти, се пријави во болницата во вечернитe часови на 19 февруари.
Беѓум околу 01.00 часот изутрина донесе на свет момче со тежина од 2 килограми и 900 грама, долго 48 сантиметри.
Мајката и малиот Мухамед Алперен откако беа задржани некое време, се отпуштени од болницата.
Бебето Мухамед, е првото бебе родено во болницата која е координирана од Управата за вонредни состојби и катастрофи (AFAD) под турското Министерство за здравство.
„На првото бебе Рохинџи родено во нашата болница во Кокс Базар му го дадоа името Мухамед Алперен. Им честитаме на нашите здравствени работници и на семејството од бебето Мухамед Алперен“, беше објавено на Твитер од страна на турската Амбасада во Дака, заедно со сликите на бебето.
- „Оваа болница е надеж за сите“ -
Араканските муслиманите бегаат во Бангладеш за да ги спасат своите животи и мора да живеат во кампови под многу лоши услови. Хигиената и недостигот на храна претставува сериозна закана за здравјето, особено за бремените жени, малите деца и постарите лица.
Турција им помага на араканските муслимани преку различни институции како што се турската Полумесечина, ТИКА, ИХХ и АФАД. Болницата, како и останатата хуманитарна помош од Турција, претставува надеж за араканските муслимани.
Џемаледин Мухамед, главен лекар на болницата, посочувајќи ја несоодветноста за живот во камповите во Кокс Базар, рече: „Луѓето се жртви во камповите, особено бремените жени коишто никогаш не биле на лекар. Тие не користеле железо, витамини или фолна киселина“.
По отворањето на болницата од страна на Турција, пациентите добиваат поддршка со лекови. „Пациентите може многу лесно да се лекуваат. Болницата ним им претставува надеж. Многу се молат, особено за Реџеп Таип Ердоган“, рече Мухамед.
Главниот лекар Мухамед додаде дека една пациентка чека за царски рез и дека ќе го направат ова породување штом ќе ги отстранат недостатоците во операционата сала.
- Етничко чистење на араканските муслимани -
Според последните бројки објавени од страна на ОН, по нападите што во Аракан ги спроведува мјанмарската војска, од 25 август до денес во Бангладеш избегаа 688 илјади аракански муслимани. Се претпоставува дека во 1970-тите години во Аракан живееле околу 2 милиони муслимани, но оваа бројка денес е намалена под 350.000, поради бегствата од систематските напади. Во нападите, коишто прераснаа во етничко чистење, беа запалени над 300 села.
Владата на Бангладеш често повикуваше на муслиманите од Аракан да им се овозможи враќање во нивните домови. Во согласност со тоа, со Владата на Мјанмар на 23 ноември беше потпишан договор.
Според споменатиот договор, оние што сакаат да се вратат во Мјанмар мора да достават документ дека живееле во Мјанмар пред да избегаат во Бангладеш. Меѓутоа, во 1982 година на муслиманите од Аракан им беше одземено правото на државјанство, и тие не се регистрирани во Мјанмар. Освен тоа, и документите што ги предадоа муслиманите од Аракан треба да поминат низ одреден процес на одобрување.
Покрај тоа, во рок од два месеца по потпишувањето на договорот, неопходно беше да се започне со враќањето на муслиманите во нивните земји, но беше изјавено дека процесот е одложен.
Организациите за човекови права се загрижени да не започне овој процес, без да се обезбедат неопходните услови. Организациите предупредуваат дека Aраканските муслимани може да бидат изложени на нов бран етничко чистење.