Hakan Çopur
30 Ноември 2024•Ажурирај: 01 Декември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп, наводно, сака да се воспостави примирје во Појасот Газа и да се ослободат затворениците пред да ја преземе функцијата на 20 јануари 2025 година, известува Анадолу.
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам, еден од луѓето блиски до Трамп, зборуваше за американскиот портал „Аксиос“ и ја искажа својата проценка за надворешнополитичките приоритети на идниот претседател.
Греам, кој штотуку се врати од посетите на Саудиска Арабија и Израел, рече дека Трамп би сакал да види прекин на огнот во Појасот Газа пред официјално да ја преземе функцијата.
„Трамп е порешителен од кога и да е да ги ослободи затворениците и го поддржува прекинот на огнот што вклучува и договор за заробениците. Тој сака да види овој договор да се реализира“, рече Греам.
Истакнувајќи дека Трамп е особено фокусиран на ослободување на заробениците, Греам рече:
„Тој сака смртта да престане и војната да заврши“.
Посочувајќи дека Трамп ќе соработува со сегашната администрација на Џо Бајден по ова прашање во периодот на транзицијата, американскиот сенатор објасни дека за нив е важно да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа.
Сенаторот Греам изјави и дека по постигнувањето на прекинот на огнот во Газа, главни теми за нив ќе бидат процесот на нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел и борбата против Иран.
„Најдобрата полиса за осигурување против Хамас е реформа на палестинското општество, а неповторна окупација на Газа од страна на Израел. Тоа можат да го направат само арапските земји“, рече Греам.