Adem Şalvarcıoğlu
24 Декември 2017•Ажурирај: 24 Декември 2017
КУАЛА ЛУМПУР (AA) - Малезискиот премиер Наџиб Резак за време на митингот против одлуката на САД да го признае Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел изјави дека муслиманите треба да ги занемарат меѓусебните политички разлики и да се обединат против заедничките проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Резак во обраќањето пред илјадници присутни на митингот за Кудс во малезискиот град Путразај потсети дека претседателот на САД Доналд Трамп во пресрет на гласањето на резолуцијата за Кудс во Генералното собрание на ОН на некои земји им се заканувал со укинување на финансиска помош кажувајќи дека Малезија никогаш не бара позајмување или помош од САД.
„Токму спротивното, тие од нас бараат да инвестираме за да набавиме нивни авиони. Тоа е само еден пример", рече Резак.
Тој порача дека муслиманите без оглед на се не смеат да се откажат од своите свети работи.
Нагласи дека неговите односи со американскиот претседател Трамп можат да бидат добри „но без оглед на се никогаш нема да ги занемарам исламските светости".
Резак ги пофали напорите на Турција во врска со правниот статус на Кудс.
„Претседателот Ердоган ме повика по американското соопштение за Кудс и рече дека на 13 декември е вонредниот состанок на Организацијата на Исламска Соработка (ОИС). За тој датум имав планирани активности. Меѓутоа, ништо не можеше да ми биде поважно од она за што бев поканет", рече Резак.