Elena Trenchevska Chekovikj
13 Ноември 2025•Ажурирај: 13 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Десетици раселени Палестинци од бегалскиот камп Нур Шамс, во северниот дел на Западниот Брег, протестираа денес барајќи да се вратат во своите домови откако беа принудени да ги напуштат пред неколку месеци поради тековната израелска воена офанзива, јавува Анадолу.
Како што извести дописникот на Анадолу, демонстрантите се собрале на влезот на кампот, во источниот дел на Тулкарм, држејќи транспаренти: „Сакаме да се вратиме во нашите домови“ и „Кампот не е само место... тоа е нашиот живот“.
Тие побараа од меѓународната заедница итна акција за обнова на кампот и осигурување на нивното враќање.
Во меѓувреме, израелската Армија постави воен кордон околу кампот и ги спречи Палестинците да се приближат со поставување контролни пунктови.
Нихаја ал-Џунди, раселена жена и активистка на заедницата, го опиша нивниот протест како „крик на болка, на мака и на неправда“. Таа нагласи дека дури и ако нивните домови се уништени, жителите копнеат да се вратат на имотите што ги изградиле со свои раце.
Друга раселена жена, Ханан Ебу Зехра, ја изрази својата исцрпеност. „Десет месеци не сме во нашите домови. Нашите домови се во урнатини, но ние самите ќе ги обновиме“, рече таа. „Го сакаме кампот; тоа е нашата душа. Подготвена сум повторно да живеам таму под какви било услови.“
Израелската Армија започна голема офанзива во северниот дел на Западниот Брег на 21 јануари, која се прошири и ги вклучи камповите Тулкарм и Нур Шамс.
Во офанзивата уништени се стотици домови и раселелени се на над 50.000 Палестинци, според извештаите. Операцијата драматично го промени пејзажот на камповите преку опсежни уривања и создавање нови патишта.
Ситуацијата на Западниот Брег ескалираше откако започна војната во Газа на 7 октомври 2023 година, со значителен раст на жртвите и апсења на територијата.