АНКАРА
Од епидемијата на новиот тип коронавирус именуван како Ковид-19 досега во светот се заразени 97.945 лица, а 3.383 починаа, пишува Агенција Анадолија (АА).
Епидемијата на новиот тип коронавирус, кој покрај во континенталниот дел на Кина и нејзините специјални административни подрачја, е регистриран во 84 земји од светот, зад себе ги остави епидемиите на другите видови коронавируси како што се САРС (Тежок акутен респираторен синдром) и МЕРС (Респираторен синдром на Блискиот Исток).
По првите случаи кои за првпат се забележани во Кина во декември минатата година, имаме епидемија која во последните три месеци претставува глобална закана за светското население. Главните правци и случувања од појавувањето на заразата до нејзиното преминување во епидемија:

- Се појави во кинескиот град Вухан
На 31 декември 2019 година Кина објави дека во градот Вухан, кој се наоѓа во кинеската провинција Хубеи, откриена е мистериозна болест од непознато потекло која го напаѓа респираторниот систем.
Во тој период се претпоставуваше дека станува збор за вирус од непознат тип кој предизвикува воспаление на белите дробови.
На 1 јануари е затворен пазарот на големо за морски плодови во градот Вухан, местото кое го посетиле лицата кои први се разболеле од непознатата болест.
Веќе на 3 јануари бројот на заразени од мистериозната болест изнесува 44 лица. Се забележа дека генезата на вирусот кој ја предизвика мистериозната болест се совпаѓа 80% со САРС (Тежок акутен респираторен синдром), коронавирусот кој во периодот 2002 - 2003 од Кина се прошири низ светот.
- Нов тип коронавирус
На 7 јануари Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не станува збор за САРС, туку за бетакоронавирус кој се среќава кај лилјаците, но кој мутирал откако преминал кај луѓето. Новиот тип коронавирус е именуван „2019-nCov“.
Првиот смртен случај во Кина се случи на 11 јануари. Станува збор за лице на возраст од 61 година, за кое се претпоставува дека се заразило со коронавирусот на рибниот пазар во градот Вухан.
На 13 јануари новиот тип коронавирус е забележан кај една пациентка во Тајланд, со што тоа е прв регистириран случај на новиот тип на коронавирусот надвор од Кина.
На 16 јануари во Јапонија новиот тип на коронавирусот е забележан кај лице кое пристигнало од кинескиот град Вухан.
На 17 јануари во градот Вухан е забележан вториот смртен случај.
На 21 јануари е регистриран првиот случај на новиот тип коронавирус во САД.
- „Глобална вонредна состојба“
Вирусот, благодарение на лицата што патуваат, се рашири во голем број земји. Лицата кај кои е регистриран новиот тип коронавирус беа под лекарска контрола во Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја, Австралија, Малезија, Виетнам и Непал.
На 22 јануари бројот на заболени од коронавирусот се зголеми на 550, додека бројот на смртни случаи се искачи на 17 лица.
На 23 јануари запрен е целиот превоз во Вухан и се започна со спроведување на мерки за карантин.
На 25 јануари е запрен пристапот во 17 градови на провинцијата Хубеи.
На 30 јануари Светската здравствена организација прогласи глобална вонредна состојба.
На 2 февруари се случи првиот смртен случај надвор од Кина. Станува збор за кинески државјанин на 44-годишна возраст.
На 7 февруари почина д-р Ли Венлианг, кој прв предупреди на опасноста од епидемијата на новиот тип на коронавирусот. Јавните власти од таа причина подигнаа истрага против д-р Венлианг.
На 8 февруари во Вухан почина еден американски државјанин.
- Според смртните случаи, го остави САРС зад себе
На 9 февруари бројот на починати од новиот тип на коронавирусот достигна бројка од 811 лица. Бројот на смртни случаи од епидемијата на овој вирус зад себе ја остави бројката на починати од САРС.
На 11 февруари бројот на починати во Кина изнесува 1.000, а бројот на регистрирани случаи заразени од новиот тип на коронавирусот е над 40.000.
СЗО објави дека новиот тип коронавирус е именуван како Ковид-19.
На 12 февруари е објавено дека на крузерот „Дајмонд принцес“, кој се усидрил во пристаништето Јокохама во Јапонија, кај 175 патници е откриен новиот тип коронавирус.
На 14 февруари е забележан Ковид-19 кај едно лице во Египет, со што тоа е првиот случај забележан на африканскиот континент.
На 18 февруари Русија го забрани влезот во земјата за кинеските државјани.
Во наредните денови голем број земји од светот донесоа одлуки за забрана за патување во Кина и другите земји во кои е забележан новиот тип на коронавирусот или воведоа одредени визни ограничувања.
- Епидемии во Јужна Кореја, Иран и Италија
Иран на 19 февруари пријави дека се забележани првите случаи на новиот тип на коронавирус, по што дојдоа првите смртни случаи во оваа земја.
На 21 февруари во италијанското подрачје Ломбардија за првпат е забележан случај на пренесување на новиот тип коронавирус. Бројот на регистрирани случаи е зголемен на 6.
На 22 февруари за еден ден се забележани 229 случаи на заразени од коронавирусот во Јужна Кореја. Се дознава дека главна улога во проширувањето на епидемијата во оваа земја е заедницата на една католичко-христијанска црква во градот Даегу.
Во наредните денови Јужна Кореја стана втора земја во светот по Кина со случаи на заболени од новиот тип на коронавирусот.
На 25 февруари заменик-министерот за здравство на Иран, Иреч Херирчи, соопшти дека во земјата е забележан случај на Ковид-19. Во периодот што следуваше, во Иран бројот на заболени од новиот тип на коронавирусот достигна бројка од 95, додека од овој вирус починаа 15 лица.
На 26 февруари во Бразил е забележан првиот случај на Ковид-19. Станува збор за прв регистриран случај на заболен од Ковид-19, лице кое се вратило од патување во Италија. Ова е првиот случај на новиот тип коронавирус на јужноамериканскиот континент.
- Саудиска Арабија ги запре посетите на Ќаба
На 27 февруари Саудиска Арабија на одреден период ги прекина посетите на Ќаба поради епидемијата на Ковид-19.
На 28 февруари генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, објави дека нивото на глобалниот ризик од вирусот Ковид-29 од „високо“ го искачиле на „многу високо“ ниво.
На 29 февруари во САД е регистриран првиот смртен случај предизвикан од новиот тип на коронавирусот.
На 2 март забележан е случај на Ковид-19 во Саудиска Арабија.
На 3 март бројот на регистиррани случаи на вирусот Ковид-19 во светот изнесува 90.000, додека борјот на починати од овој вирус достигна бројка од над 3.000 лица.
На 4 март бројот на смртни случаи во Италија предизвикани од вирусот Ковид-19 изнесува 107 лица. Наставата во сите училишта и универзитети во Италија е прекината до 15 март.
- Вонредна состојба во Калифорнија
Откако на 5 март во американската сојузна држава Калифорнија е забележан првиот смртен случај од вирусот Ковид-19, во земјата е воведена вонредна состојба. Бројот на починати од новиот тип на коронавирусот во САД изнесува 12 лица.