Ekipa
04 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја ги предупредија Соединетите Американски Држави (САД) да не го блокираат дипломатското зближување и нормализацијата на односите помеѓу двете Кореи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Официјалниот весник на владејачката севернокорејска Комунистичка партија, „Родонг Синмун“ (Rodong Sinmun), пишува дека Вашингтон треба да се воздржи од сите чекори кои би можеле да ја загрозат започнатата релаксација на односите на Корејскиот Полуостров.
„Јакнењето на врските помеѓу двете Кореи не е лошо по САД. Но, САД само на себе би си направиле непријатности доколку се обидат да ја загрозат соработката на Северот со Југот“, се наведува во предупредувањето на официјален Пјонгјанг.
Предупредувањето е упатено до САД ден пред доаѓањето на пратеникот од Јужна Кореја, кој во Пјонгјанг би требало да го договори точниот датум за третиот корејски самит.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ја откажа посетата на американскиот државен секретар Помпео кој минатата недела требаше да го посети Пјонгјанг. Вашингтон се противи на укинувањето на санкциите и на преземањето конкретен исчекор во односите со Северна Кореја сè додека режимот на таа земја не понуди јасен план во врска со денуклеаризацијата.