Ali Cura
27 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
МОСКВА (АА) - Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, изјави дека се надева дека ќе постигне договор со Украина по дипломатски пат и оти преговорите се во тек, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред состанокот со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Путин рече дека Русија силно ги поддржува принципите на кои се засноваат ОН и има намера да го прави тоа и во иднина.
Тој рече дека преговорите во март со Украина во Истанбул се многу сериозен чекор напред.
„Но за жал, по постигнувањето договор, откако јасно ставивме до знаење дека имаме намера да создадеме поволни услови за продолжување на преговорите, во Буча бевме соочени со провокација со која Руската армија нема никаква поврзаност. Знаеме кој ја подготви оваа провокација, кој ја изврши“, рече Путин.
Нагласувајќи дека ставовите на украинските преговарачи кон мировниот договор драстично се сменија по настаните во Буча, Путин рече дека и покрај сѐ, преговорите продолжуваат во онлајн формат и дека сѐ уште се надева на позитивен резултат.
Најмалку 2.729 цивили се убиени, а 3.111 се ранети во Украина откако Русија ја започна војната на 24 февруари, според проценките на ОН. Се стравува дека реалната бројка е многу поголема.