Elena Teslova
13 Октомври 2022•Ажурирај: 15 Октомври 2022
МОСКВА (АА) - Русија сака праведно решавање на палестинско-израелското прашање во согласност со резолуциите на ОН, изјави претседателот Владимир Путин на денешната средба со неговиот палестински колега Махмуд Абас, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Русија има принципиелен став заснован на основните резолуции на Обединетите нации и тој останува непроменет“, му кажа Путин на Абас за време на разговорите во главниот казахстански град Астана на маргините на Регионалниот самит.
Тој рече дека Москва продолжува внимателно да ги следи случувањата на Блискиот Исток.
Во врска со билатералната соработка со Палестина, тој рече дека треба да се направи „многу“ за да се зајакнат економските врски.
Абас го поздрави ставот на Русија за решавањето на палестинско-израелското прашање.
„Ние веруваме и знаеме дека Русија има јасен став за решението и јас сум апсолутно сигурен дека тоа никогаш нема да се промени. Совршено знаеме дека Русија се залага за правда, за меѓународно право“, рече тој.
Абас ја истакна потребата од поголема улога на Блискоисточниот квартет, кој го сочинуваат ОН, САД, ЕУ и Русија.
Тој рече дека групата треба да го преземе водството во решавањето на палестинско-израелското прашање, наместо поединечна земја или организација.
„Ние не сакаме Америка, под никаков изговор, да биде единствено ангажирана во решавањето на палестинскиот проблем“, тврди Абас.
„Таа може да биде дел од квартетот, да игра улога таму, но ние никогаш нема да прифатиме нејзино монополизирање на прашањето за решението“, додаде тој.
Тој, исто така, ја нагласи кризата со храна во Палестина и побара Русија да ја забрза испораката на жито.