Elena Teslova
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша уредба за воведување воена состојба во регионите Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје, кои Русија неодамна ги анектира од Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на состанокот на рускиот Совет за безбедност во Москва, Путин рече дека жителите на овие територии „јасно ја изразиле нивната волја кога го дадоа гласот за припојување кон Русија“.
Путин истакна дека Киев одбива да ги прифати резултатите од референдумите во Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје и дека врши саботажа на руската територија, истакнувајќи дека го смета за неопходно прогласувањето воена состојба на овие територии.
„Потпишав уредба за воведување воена состојба во овие четири субјекти на Руската Федерација. Таа веднаш ќе биде испратена на одобрување до Советот на Федерацијата. За одлуката е информирана и Државната дума“, истакна Путин.
Според уредбата, објавена на веб-страницата на Кремљ, министерствата за одбрана, за внатрешни работи и за вонредни состојби, како и неколку други тела треба да достават предлози за мерките што се на сила на териториите каде што е воведена воена состојба.
Во посебна уредба Путин нареди да се прогласи „режим на максимална подготвеност“ во овие четири региони и „режим на просечна подготвеност“ во областите соседи со Украина.
Тој, исто така, даде инструкции да се формираат канцеларии за територијална одбрана во овие области и да се зајакнат безбедносните мерки на сите објекти кои ќе ја обезбедуваат виталната активност на населението, функционирањето на транспортните, комуникациските и енергетските објекти, како и на објектите кои се опасност за човечкиот живот, здравјето и животната средина.
Путин, исто така, наложи евакуација на населението од тие територии и воведување посебен режим за влез и излез од тие територии, предлагајќи и ограничување на движењето и пребарување на возилата кои влегуваат и излегуваат.