Elena Teslova
10 Октомври 2022•Ажурирај: 10 Октомври 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин им наложи на 14 новоизбрани гувернери да се погрижат да бидат правилно спроведени мерките за делумна мобилизација во нивните јурисдикции, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот со покраинските шефови, Путин им нареди „да ги држат под постојана контрола“ правните прашања поврзани со делумната мобилизација, како и почитувањето на правата на регрутите и поддршката за нивните семејства.
„Би сакал да истакнам дека сите одлуки донесени овде мора строго да се спроведат, вклучително и социјалните гаранции, плаќањата, дополнителната поддршка од регионалните буџети за семејствата на војниците, наредниците и офицерите кои служат и сега се приклучуваат на редовите на Руските вооружени сили“, рече тој.
Путин, исто така, ги повика гувернерите да бараат решенија што ќе ги претворат странските санкции против земјата во нејзина корист.
„Ние сме должни да ги користиме предизвиците на надворешниот притисок во интерес на нашиот сопствен развој, во интерес на зајакнување на суверенитетот на државата. Неопходно е да се дејствува, максимално да се открие, да се реализираат сопствените потенцијали... научни, индустриски, технолошки, претприемачки“, рече тој.
Путин на 21 септември прогласи делумна мобилизација во земјата, со која се очекува да ангажира околу 300.000 луѓе на возраст меѓу 18 и 50 години во војската на земјата.