Elena Teslova
20 Декември 2022•Ажурирај: 21 Декември 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин ги повика руските разузнавачки служби да бидат внимателни и остро да ги запрат активностите на странските агенции за шпионажа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Контраразузнавачките агенции, вклучително и воените, треба да покажат максимална подготвеност и концентрација. Неопходно е да се стави остар крај на активностите на странските специјални служби и брзо да се идентификуваат предавниците, шпионите и диверзантите“, рече Путин во видеообраќањето по повод Денот на вработените во безбедносните агенции во земјата.
Пофалувајќи ги службениците за спроведување на законот како „луѓе кои не штедат напор“, а понекогаш и нивните животи, за да ги заштитат својата земја и народ, Путин нагласи дека „брзо променливите“ глобални услови и новите закани и предизвици „наметнуваат високи барања за целиот систем на руските безбедносни агенции“.
„Значи“, додаде тој, „безбедносните агенции мора да ги интензивираат своите напори во клучните области, искористувајќи го својот потенцијал во потполност.“
За делови од Украина кои Русија ги анектира оваа година, Путин рече дека безбедносниот персонал сега се соочува со тешки задачи бидејќи, како што рече, условите се исклучително комплицирани во Доњецк и Луганск, Херсон и Запорожје.
Путин нагласи дека борбата против тероризмот е „еден од клучните приоритети за сите безбедносни служби“, повикувајќи го безбедносниот персонал да посвети посебно внимание за заштита на местата на собири, стратешките објекти и транспортната и енергетската инфраструктура.
Тој нагласи дека Граничната служба на Федералната служба за безбедност (ФСБ), исто така, мора да ги засили своите напори и брзо да спречи какви било обиди за инфилтрирање низ границите на Русија „користејќи ги постоечките капацитети и средства, вклучително и мобилните и единиците за специјални задачи“.
„Морате да останете фокусирани на една важна област како што е спротивставувањето на екстремизмот. Воинствениот национализам кој повикува на насилство и провокации насочени кон поттикнување етничка омраза е директна закана за внатрешното единство на нашето општество. Специјалните служби мора веднаш да одговорат на таквите обиди“, посочи Путин.
Денот на вработените во безбедносните агенции во Русија се одбележува на 20 декември, со одбележувањето на основањето на Серуската вонредна комисија во 1917 година, претходник на современите безбедносни агенции.