Aida Cako
22 Август 2025•Ажурирај: 23 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) - Противпожарните бригади од XVII и XVIII единици во Галиција ја минаа ноќта во борба со големиот шумски пожар што ја зафати општината Оиа, во Понтеведра, Галиција, јавува Анадолу.
Екипите создадоа заштитни појаси, гаснејќи ги пламените јазици со противпожарни црева, а употребија и булдожери за расчистување, додека густ чад и интензивен оган се ширеа низ шумското подрачје.
Во тек се напори за ставање под контрола на пожарите.
Според шпанскиот јавен сервис РТВЕ, во земјата и натаму горат повеќе од 20 пожари, при што Галиција е меѓу најпогодените региони.
Властите соопштија дека во средата огнот уништил уште 15.000 хектари земјиште, со што вкупната изгорена површина достигнала над 82.000 хектари и покрај падот на температурите.
Во Кастилја и Леон, пожарот во шумата Порто во Замора бил ставен под контрола во среда, но и натаму е нестабилен поради променливите ветрови.
Во провинцијата Леон, жителите на општината Игвена ја минале ноќта во неизвесност поради огнот што се приближувал до селата.
„Жителите се многу лути… беше многу комплицирана ноќ“, изјави градоначалникот Алидер Преса, додавајќи дека Цивилната гарда ги истражува можните причини бидејќи пожарот избувнал за време на расчистување со булдожер, во услови на мирно време.
Во провинцијата Оуренсе, Галисија, жителите сè уште закрепнуваат од уништувањето во областа Виламартин де Валдеоррас, каде што илјадници хектари шума и делови од селото Сан Висенте беа претворени во пепел.
„Чадот се расчистува и сфаќаме колкава е катастрофата“, рече градоначалникот Енрике Алварез Бареиро, опишувајќи сцени со солзи кај мештаните.
Властите информираа дека осум патишта сè уште се затворени во Кастилја и Леон и Екстремадура, а националната метеоролошка агенција АЕМЕТ предупреди дека ризикот од пожари и натаму е „многу висок или екстремен“ во северозападните, североисточните и југоисточните делови на Шпанија и покрај општото подобрување.
Од другата страна на границата, во Португалија, повеќе од 2.800 пожарникари и речиси 900 возила биле распоредени синоќа за гаснење на пет големи пожари.
Најголемиот пожар во општината Арганил, во округот Коимбра, се проширил во три општини на Кастело Бранко, за што се ангажирани повеќе од половина од пожарникарските ресурси на земјата, јави португалскиот јавен сервис РТП.
Пожари се забележани и во Сабугал, Пенамакор, Фигеира де Кастело Родриго и Фафе, додека пожарите во Браганка и Визеу сега се во фаза на изгаснување.
Во Синтра, во близина на главниот град Лисабон, над 100 пожарникари работеле синоќа поради пожарот што предизвика затворање на дел од автопатот А16, но официјалните лица уверија дека домовите не биле во опасност.
Португалскиот премиер Луиш Монтенегро ќе се соочи со прашања во Парламентот на 27 август во врска со координацијата на државните напори за гаснење, додека земјата се подготвува за, како што предупредуваат властите, една од најтешките противпожарни сезони во последните години.