Ömer Koparan,Adham Kako
26 Јули 2019•Ажурирај: 27 Јули 2019
AЗЕЗ
Народот во регионот „Штитот на Еуфрат“, во северниот дел на Сирија, протестираше поради нападите на Русија и режимот на Башар ал Асад во деескалационата зона во Идлиб, пренесува Anadolu Agency (АА).
Демонстрациите се одржаа во градовите Баб и Азез во регионот „Штитот на Еуфрат“, во северниот дел на Сирија, по петочната молитва. Демонстрантите протестираа поради интензивните напади на Русија и режимот на Башар ал Асад во деескалационата зона во Идлиб.
Со плакатите што ги носеа и со слоганите, демонстрантите повикаа да се стави крај на нападите и да се заштитат цивилите.
- Состојбата во зоната за деескалација на судирите во Идлиб
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб во северозападниот дел на земјата, важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судирите.
Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето. Во главниот град на Казахстан, Нурсултан, во периодот од 25 до 26 април годинава се одржа 12. состанок на земјите гаранти за Сирија, меѓу Турција, Русија и Иран. Токму во тој период дојде до интензивирање на нападите, што продолжува и денес.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) покажуваат дека во нападите кои припадниците на режимот на Асад и сојузниците ги извршиле од 26 април до 12 јули во зоната за деескалација на судирите во Идлиб, загинале 606 цивили, од кои 157 деца и 111 жени.