свет

Протести низ светот против потегот на САД кон Венецуела

Венецуела рано во саботата соопшти дека САД нападнале цивилни и воени објекти во повеќе сојузни држави, а потоа прогласи национална вонредна состојба

Elena Trenchevska Chekovikj  | 06.01.2026 - Обновена : 06.01.2026
Протести низ светот против потегот на САД кон Венецуела Фото: Fabio Teixeira/AA

РИО ДЕ ЖАНЕИРО/ЛОНДОН/РАБАТ (АА) – Голем број демонстранти излегоа на протести во повеќе големи градови низ светот против потегот на Соединетите Американски Држави кон Венецуела, изразувајќи поддршка за Венецуела и осудувајќи ги постапките на САД, јавува Анадолу.

Демонстрации се одржаа во бразилскиот град Рио де Жанеиро, каде што пред Конзулатот на САД демонстрантите изразија противење на, како што рекоа, притворањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и воената интервенција на САД во Венецуела.

Слични протести се одржаа и во неколку други бразилски градови, на кои демонстрантите ја критикуваа политиката на Вашингтон кон јужноамериканската земја.

И во Лондон стотици луѓе се собраа на протест против она што го нарекоа воена интервенција на САД во Венецуела и притворањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Демонстрациите се одржаа во близина на влезот на Даунинг стрит 10, каде што се наоѓа Кабинетот на британскиот премиер, а демонстрантите изразија поддршка за Венецуела и другите латиноамерикански земји кои се цел на американскиот претседател Доналд Трамп.

Протестот беше организиран од Коалицијата „Стоп на војната“, Кампањата за нуклеарно разоружување и Кампањата за солидарност со Венецуела, а говорниците ја критикуваа надворешната политика на САД и ги повикаа западните лидери, вклучувајќи го и британскиот премиер Кир Стармер, да одговорат поцврсто на постапките на Вашингтон.

Протест против потегот на САД во Венецуела се одржа и во Рабат, главниот град на Мароко. Десетици демонстранти се собраа пред Парламентот како одговор на повикот од Мароканската демократска мрежа за солидарност со народот.

Венецуела рано во саботата соопшти дека САД нападнале цивилни и воени објекти во повеќе сојузни држави, а потоа прогласи национална вонредна состојба.

Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна го потврди „големиот“ напад и дека Мадуро и неговата сопруга се заробени и земени од земјата. Подоцна тој рече дека САД ќе ја „управуваат“ Венецуела додека не се осигура „безбедна“ транзиција и ќе ја поправат нејзината „распадната“ нафтена инфраструктура.

Трамп го обвини Мадуро за надгледување на испораките на дрога во САД и нелегитимно држење на власта преку изборна измама.

Мадуро, кој моментално е во притвор во притворен центар во Њујорк во исчекување на повеќе обвиненија, ги отфрли обвинувањата, а официјални претставници во Каракас побараа негово ослободување.

Неговата сопруга, првата дама Силија Флорес, исто така се соочува со федерални кривични обвиненија и е притворена во истиот објект.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.