Burak Bir
29 Декември 2019•Ажурирај: 30 Декември 2019
ПАРИЗ
Во текот на синоќешните протести против владиниот проект за реформи на пензискиот систем, во главниот град на Франција повторно дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На повик на синдикатот, демонстрантите се собраа на железничката станица „Париз Гар ди Нор“, од каде што маршираа до плоштадот „Шатле“.
За да ги растера демострантите, меѓу кои имаше и припадници на „Жолтите елеци“, полицијата употреби солзавец.
Жером Родригес, водачот на движењето „Жолти елеци“, на новинарите им изјави дека во текот на демонстрациите е повреден од предмет што го испукала полицијата.
Полицијата соопшти дека за време на протестите во Париз приведени се тројца демонстранти.
Демонстрации се одржани и во француските градови Лион, Ница, Мец, Тулуз и Рен.
Во текот на 24-часовниот штрајк, јавниот превоз се одвиваше со потешкотии, а имаше проблеми и во давањето услуги во здравствениот и јавниот сектор во Париз и во другите градови.
Еден од најголемите штрајкови во поновата историја на Франција се одржа на 5 декември, при што граѓаните го изразија своето незадоволство од најавените реформи во пензискиот систем презентирани од претседателот Емануел Макрон.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Франција, во штрајкот учествувале 806.000 луѓе, додека синдикатите тврдат дека имало 1,5 милиони учесници. Полицијата користеше димни бомби за да ги растера демонстрантите. Според полициски извори, приведени се повеќе од 90 лица.
Франција во моментов има 42 различни пензиски програми за различни сектори. Владата предложи обединување на сите во еден пензиски систем.
Моментално во Франција пензискиот систем е базиран на принципот на меѓугенерациска солидарност, во која работниците од придонесите во текот на годината ги финансираат пензионерите. Но поради стареењето на населението, сè помалку луѓе плаќаат придонеси за пензискиот систем.
За да го поправи ова, француската Влада предложи бодовен систем кој на работниците ќе им ги надомести пензиските бодови за секој одработен ден или за секое евро што го плаќаат. Според овој план, би се укинале бенефициите доделени на државните службеници и постепено би се зголемувала старосната граница за заминување во пензија од 62 на 64 години.
Работниците би добиле полна пензија доколку се пензионираат со 64 години. Доколку во пензија заминат порано, пензијата би им била намалена за 5 % за секоја година од предвременото пензионирање.
Исто така, пензијата би се зголемувала за 5 % за секоја година доколку се пензионираат по 64-годишна возраст.