Aşkın Kıyağan
26 Јануари 2019•Ажурирај: 28 Јануари 2019
ВИЕНА (AA) - Во главниот град на Австрија, Виена, одржани се протести против десничарската Слободарска партија на Австрија (FPÖ), јавува Anadolu Agency (AA).
Околу 5.000 демонстранти се собраа пред зградата на Универзитетот во Виена, носејќи транспаренти „За нацистите нема место во власта“, „Нека е проклета владата на богатите“.
Демонстрантите во текот на протестите блокираа една од најфреквентните виенски улици „Рингштрасе“, а потоа се упатија кон плоштадот „Свети Стефан“.
Собраните изнесоа критики на сметка на Слободарската партија на Австрија, односно, како што наведоа, расистичката, антимуслиманска и антимигрантска политика на оваа партија.
Демонстрантите своето незадоволство особено го изразија кон министерот за внатрешни работи, Хеберт Кикл, поради неговото настојување да се воведат построги закони за мигрантите. Тој е повикан да поднесе оставка поради, како што истакнаа, изјавите кои се во спротивност со разбирањето на правната држава.
Во текот на протестите преземени се високи безбедносни мерки, а собирот е завршен без инциденти.