Aslı Aral
19 Септември 2016•Ажурирај: 20 Септември 2016
ЛОНДОН (АА) – Во пресрет на Генералното собрание на Обединетите нации, кое ќе се одржи во Њујорк, меѓународните добротворни организации и заштитници на човекови права пред британскиот Парламент оставија стотици појаси за спасување, со цел да привлечат внимание на бегалската криза во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред историскиот британски Парламент беа оставени 2.500 појаси за спасување какви што користат бегалците при миграцијата. Претставниците на меѓународните добротворни организации и заштитници на човековите права, меѓу кои, Високиот комесаријат за бегалци, Меѓународниот комитет за спасување (IRC), Лекари без граници и добротворната организација „Ворлд вижн“, потенцираа дека 625 од појасите за спасување биле користени од деца мигранти. Тие нагласија дека од јануари 2015, па сѐ до минатиот месец, 6. 940 лица се удавени или изгубени додека се обидувале да стигнат до Европа.
Во својата изјава за АА, политичкиот советник на добротворната организација „Ворлд вижн“ (World Vision), Јохан Елдебо рече: „Ова го направивме за да го свртиме вниманието кон големината на проблемот со мигрантската криза во Европа. Истовремено сакаме Генералното собрание на ОН, кое ќе започне денес во Њујорк, да го начне овој проблем“.
Потенцирајќи дека за да престане мигрантската криза, потребно е да се искоренат причините што ги тераат луѓето на преселба, Елдебо рече дека од големо значење за мигрантите е да добијат здравствена и едукативна поддршка од државите во кои се населуваат.
Според податоците на Високиот комесаријат за бегалци при ОН, оваа година, во рок од 8 месеци, 281.740 лица се обиделе да стигнат до Европа по морски пат. Во податоците стои дека има пад во бројот на мигранти кои доаѓаат во Грција, по договорот меѓу Турција и ЕУ. Бројот на мигранти кои се обиделе да дојдат во Европа, во јануари изнесува 67.000 лица, додека во август тој број е намален на 3. 437 лица.