Ali Cura
06 Јули 2021•Ажурирај: 07 Јули 2021
ИСТАНБУЛ/МОСКВА
Остатоците од авионот „AN-26“, што утрово исчезна во регионот Камчатка, на крајниот исток од Русија, пронајдени се во близина на аеродромот на кој требало да слета, соопштија официјални лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нема информации за евентуални преживеани, а остатоците од авионот се откриени на околу 5 километри оддалеченост од аеродромот, во населбата Палана.
На почетокот се верувало дека авионот паднал во море, па биле испратени бродови во потрага, а во потрагата биле ангажирани и два хеликоптери и спасувачки авион, заедно со спасувачка група.
Во најновите извештаи се наведува дека авионот се преполовил и дека еден дел паднал во море, а вториот завршил на копно.
Според извори од Министерството за вонредни ситуации, се дознава дека контролните кули го загубиле контактот со патничкиот авион на компанијата „Камчатка“, што летал од Петропавловск-Камчатски кон Палана.
Од компанијата информираа дека авионот бил во добра состојба пред полетувањето.
Првичните извештаи покажуваат дека авионот не реагирал навреме на планираната комуникациска сесија, бидејќи врската била изгубена кога авионот бил оддалечен околу 10 километри од аеродромот во Палана.
Според податоците на надлежното Обвинителство, во авионот се наоѓале 23 патници и 6 членови на екипажот, претежно жители на Палана, вклучувајќи ја и Олга Мокхирева, началничката на Палана, и неколку локални официјални лица.
Руската сојузна сообраќајна агенција (Rosaviation) соопшти дека авионот летал во тешки временски услови, што би можело да е причина за несреќата, додека како друга можна причина се наведува грешка на пилотот.
Метеоролозите потврдија дека на рутата на авионот имало облаци на надморска висина од 300 до 600 метри, но дека хоризонталната видливост била добра, со слаб ветер.
Исчезнатиот авион „AN-26“ бил користен од 1982 година и требало да биде повлечен од служба на 30 август 2021 година.
Рускиот премиер, Михаил Мишустин, нареди формирање комисија за истражување на несреќата, а започната е и кривична постапка поради можно кршење на правилата за безбедност во транспортот.