Elena Trenchevska Chekovic
22 Мај 2025•Ажурирај: 23 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) - Пекарница во Деир ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа, го продолжи производството на леб по пристигнувањето на брашното, по 81-дневната блокада на хуманитарната помош од страна на Израел, јавува Анадолу.
Процесот на правење леб во пекарницата поддржана од Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации започна денес.
Кон средината на април, сите 25 пекарници поддржани од Светската програма за храна се затворија бидејќи снемаа пченично брашно и гориво за готвење.
Речиси 90 камиони со помош влегле во Газа, соопштија денес ОН, што е првата таква испорака за 81 ден од затворањето на граничните премини од страна на Израел.
Генералниот директор на Владината канцеларија за медиуми во енклавата, Исмаил ал-Тавабтех, вчера за Анадолу изјави дека 87 камиони што носат разни видови хуманитарна помош влегле во Појасот Газа.
Тој рече дека помошта „е доделена на неколку меѓународни и локални организации како дел од напорите да се дистрибуира до нашиот палестински народ за да се задоволат дел од нивните итни хуманитарни потреби“.
Нахед Шахибер, претседателот на Здружението на приватни транспортни компании во Газа, за Анадолу изјави дека 75 од камионите носеле брашно за пекарниците во централните и јужните делови, кои преминале преку преминот Керем Шалом во јужниот дел на Појасот Газа.
Шахибер потврди дека нема координација камионите со помош да влезат во градот Газа и губернијата Северна Газа преку коридорот Нецарим, бидејќи Амијата го спречува движењето на камионите низ него.
Тој рече дека од вкупниот број камиони, 12 биле со додатоци во исхраната за деца од УНИЦЕФ, и биле истоварени во Деир ал-Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Тој, исто така, кажа за влезот на пет камиони што превезуваат помош од Емиратите, меѓу која и шеќер и прехранбени производи.
Појасот Газа има потреба од минимум 500 камиони дневно со итна хуманитарна и медицинска и прехранбена помош, заедно со најмалку 50 камиони со гориво како неопходни во услови на влошување на гладот предизвикан од затворањето на граничните премини од страна на Израел повеќе од два месеца, соопшти Канцеларијата за медиуми во понеделникот.
Од 2 март, Израел одржува строга блокада на Газа, одбивајќи влез на хуманитарна помош и туркајќи ја енклавата во глад, кој веќе одзеде голем број животи.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија спроведува брутална офанзива против Газа од октомври 2023 година, во којашто загинаа речиси 53.700 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.