свет

Продолжуваат протестите во Каталонија

„Полицијата синоќа и утринава уапси 51 демонстрант, а 72 полициски службеници беа повредени во судирите“, се вели од шпанската Влада

Ekip  | 16.10.2019 - Обновена : 17.10.2019
Продолжуваат протестите во Каталонија

ОВИЕДО (АА) - По хаотичната ноќ која беше одбележана со огнови кои ги осветлија улиците на Каталонија, заедно со полициски судири, повреди и апсења, илјадници демонстранти сѐ уште маршираат низ североисточниот шпански регион, протестирајќи поради изрекувањето казна на сепаратистичките лидери во понеделникот, јавува Anadolu Agency (AA).

„Полицијата синоќа и утринава уапси 51 демонстрант, а 72 полициски службеници беа повредени во судирите“, се вели од шпанската Влада.

Денес е третиот ден од протестите како реакција кон шпанскиот Врховен суд кој изрече казна за сепаратистичките лидери поради нивната улога во неуспешниот обид за добивање независност од Шпанија пред две години. Девет политичари и двајца активисти ќе отслужат казна помеѓу 9 и 13 години.

Демонстрантите велат дека казните се премногу остри, бидејќи политичарите го извршувале својот демократски мандат. Тие велат дека изречените казни претставуваат опасни преседани во однос на правото на протест. Многумина, исто така веруваат дека Каталонија има право на самоопределување.

Фрустрацијата е голема, како за Каталонците кои се за независност, така и за другите, приближно половина или повеќе жители на Каталонија кои сакаат да останат дел од Шпанија.

До денеска демонстрантите ја блокираа брзата железничка линија и одредени автопати, но маршевите остануваат мирни.

Синоќа, помал дел од групата демонстранти палеа огнови низ градските центри на Барселона, Тарагона, Леида и на други градови. Документирано е како ги навредувале полициските службеници и фрлале предмети по нив.

„Цврсто го осудувам насилството, со кое има обиди да се уништи хармоничниот соживот во Каталонија“, напиша на Твитер вршителот на должноста премиер Педро Санчез. Тој, исто така најави дека денеска ќе се состане со другите политички групи за да разговара за состојбата.

Политичарите од десничарските партии го критикуваат справувањето на Санчез со состојбата. Пабло Касадо, лидерот на Народната партија, го повика да донесе посебен закон со кој би се ставила поголема моќ во рацете на централната власт. Националните избори во Шпанија треба да се одржат за помалку од еден месец.

Во понеделникот вечерта, околу 10.000 демонстранти го блокираа аеродромот во Барселона, предизвикувајќи откажување на десетици летови.

Премиерот на Каталонија, Ким Тора, им се заблагодари на демонстрантите за нивните постапки на аеродромот, но допрва треба да даде коментар за синоќешните немири.

Се очекува протестите да продолжат на неодредено време. Просепаратистичките синдикати побараа генерален штрајк в петок.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.