Muhammet Nazım Taşcı
26 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
АНКАРА - Индиските медиуми објавија дека 51 професор од Универзитетот „Банарас Хинду“ во сојузната држава Утар Прадеш, во градот Варанаси, започнале кампања за собирање потписи против Законот за државјанство и Националниот регистар на граѓани (NRC), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во документот потпишан од професорите се вели: „Сакаме Владата уште еднаш да ги преиспита долгорочните последици од измената на Законот за државјанство и се надеваме дека националните политики ќе надвладеат над фракциските.“
Кампањата за прибирање потписи од страна на професорите дојде по полициското приведување на студентите што учествуваа на протестите.
- „Можеме да ги уништиме за 1 час“ -
Остри реакции предизвика изјавата на Лила Рам Гурџар, пратеничка на Индиската народна партија во Собранието на индиската држава Харајана, во видеото објавено на социјалните мрежи.
Голем број корисници на социјалните мрежи упатија критики за изјавата на Гурџар во врска со учесниците во протестите против измените на Законот за државјанство и Националниот регистар на граѓани (NRC), во која вели: „Доколку биде побарано, за 1 час можеме да ги уништиме.“
- Во Утар Прадеш приведени 5.400 лица -
Полицијата на Утар Прадеш објави дека на целата територија на државата се приведени 5.400 лица, а 705 лица се испратени во затвор.
Од друга страна, објавено е дека администрацијата на градот Агра го прекинала пристапот до сервисот за мобилен интернет до петок во 18:00 часот.
Акхил Гогои, активист од североисточната држава Асам, приведен е од страна на полицијата во Гувахати поради учество на протестите.
- „Муслиманите имаат само две места: Пакистан или гробишта“ -
Хаџи Хамид Хасан (72), кој живее во градот Музафарнагар, рече дека во петокот во 23:00 часот во неговиот дом упаднале 30 полициски службеници.
Тој истакна дека голем број од домашните предмети, меѓу кои се наоѓаат и фрижидерот, машината за облека, лавабото и мебелот, повеќе не се употребливи по нивното оштетување од страна на полицијата. „Плачев и молев за милост, но беа многу немилосрдни. Ми рекоа дека како муслиман, за мене има само две места, Пакистан или гробишта“, посочи Хасан.
Хасан истакна дека негов единствен грев е што по петочната молитва, заедно со својот син зел учество во протестите, „Јоги Адитјанат, премиерот на Утар Прадеш, ни се одмаздува и цел на неговите полицајци се муслиманите бидејќи учествуваа на протестите.“
Хасан рече дека полицајците ги уништиле предметите што се подготвувале за свадбата на неговиот внук и го украле накитот, посочувајќи: „Мојот син сè уште е во притвор и е обвинет за предизвикување бунт.“
- Муслиманите остануваат надвор од рамките на законот -
Со новите измени на Законот за државјанство на Индија, лицата кои мигрирале во различни сојузни држави на Индија пред 31 декември 2014 година имаат право на добивање индиско државјанство, но тоа право не им се дава на имигрантите муслимани, кои се држат надвор од овој закон. Овие законски измени се причината што од 9 декември се одржуваат протести во земјата.
Во протестите против измените на Законот за државјанство на ниво на целата земја, во судирите со полицијата животот го загубија 23 протестанти.
Со новите законски измени, имигрантите будисти, сики, џаинисти, парси, хиндуси и христијани, кои бегаат поради верски притисоци, особено оние од Пакистан, Бангладеш и Авганистан, коишто ќе можат да докажат дека повеќе од шест години живеат во Индија, имаат право да добијат индиско државјанство. Во исто време, муслиманите кои се наоѓаат во истата позиција, остануваат надвор од овие законски рамки.
Индија е втора земја во светот според бројот на муслиманско население. Со оваа законска регулатива 200 милиони муслимани се доведени во граѓани од втор ред, а голем број муслимани ќе останат без државјанство, поради што законските измени се многу критикувани - муслиманите без државјанство или ќе бидат депортирани или ќе бидат ставени во затвор.