Emre Aytekin
03 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
АНКАРА
Делегацијата на Светската здравствена организација (СЗО), со 6-от ден на терен, ја продолжува својата работа во кинескиот град Вухан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Членовите на делегацијата го посетија Институтот за вирусологија во Вухан, кој беше предмет на тврдења дека е местото од кое потекнува или е произведен вирусот. Во овој институт делегацијата доби информации од заменик-директорот на Институтот, Ши Чангли, и од лабораторискиот персонал.
Се тврди дека членовите на делегацијата, кои не споделиле детали во врска со остварените контакти, се соочиле со бариери во пристапот.
По епидемијата на акутен респираторен синдром (САРС) во 2002-2003 година, Институтот, основан за создавање архива со генетски информации за коронавирусите на лилјаците, беше предмет на тврдења дека во неговата лабораторија е вештачки произведен Ковид-19 и дека случајно е излезен од таму.
Кинеските власти ги негираа овие обвинувања, давајќи недокажани контратврдења дека Ковид-19 потекнува од друга земја и пристигнал во земјата со увезена замрзната морска храна.
- Кина ги имаше одбиено повиците за истрага
Кина претходно го отфрли барањето на американската администрација за започнување истрага за потеклото на вирусот. Таа воведе извозни ограничувања за Австралија, откако австралиската Влада во април 2020 година упати повик за започнување меѓународна истрага од страна на СЗО.
Подоцна, по зголемувањето на меѓународниот притисок, делегацијата составена од експерти и истражувачи од САД, Австралија, Германија, Јапонија, Англија, Русија, Холандија, Катар и Виетнам на почетокот на јануари допатува во Кина, но беа принудени да се вратат откако администрацијата од Пекинг предупреди дека не се земени валидни визи.
По добивањето на дозволите, делегацијата со приватен авион пристигна во градот на 14 јануари, каде што остана во карантин 14 дена. Во тој период делегацијата размени информации со кинеските официјални лица на состаноци одржани преку интернет.
На теренските студии што започнаа на 29 јануари, делегацијата изврши преглед на пазарот за морска храна во Вухан, каде што беа забележани првите случаи на коронавирусот, како и во Интегрираната регионална болница за кинеска и западна медицина Хубеи, болницата Вухан Џининтан, Државниот центар за контрола на болести на Хубеи и Центарот за болести на животни.
- Ковид-19 за првпат е забележан на пазарот за храна во Вухан
Светот за првпат дозна за избувнувањето на епидемијата со Ковид-19 кога Кина на 31 декември 2019 година го информираше СЗО дека во градот Вухан, во кинеската провинција Хубеи, се појавило „мистериозно респираторно заболување од непознато потекло“.
Болеста најпрво била забележана кај луѓето што го посетиле пазарот за морска храна во Вухан, а првиот пациент бил примен во болницата на 17 ноември со поплаки дека има „респираторна болест“ од непознато потекло.
Разбирливо беше дека болеста што предизвикува гноење на белите дробови е предизвикана од претходно непознат вид коронавирус, за кој се претпоставува дека е мутиран бета коронавирус пронајден кај лилјаците.