Merve Berker
20 Август 2024•Ажурирај: 27 Август 2024
АНКАРА (АА) - Сè уште траат операциите за пребарување и спасување на шестемина исчезнати лица откако јахта потона рано утрината во понеделникот во близина на италијанскиот брег, објавија денес медиумите, пренесува Анадолу.
Мајк Линч, 59-годишен технолошки претприемач и милијардер, кој воедно е и сопственик на бродот, и неговата 18-годишна ќерка се двајцата Британци кои се пријавени за исчезнати. Сопругата на Линч, Ангела Бакареш, е меѓу спасените.
Италијанската противпожарна служба одделно на социјалната мрежа Х објави дека првата проверка на пештерските нуркачи во внатрешноста на остатоците од јахтата била „неуспешна“.
„Пристапот до мостот е ограничен, со тешкотии поради присуството на мебел што го попречува преминот“, се додава во соопштението.
Едно лице кое пожарникарите го идентификувале како шеф на јахтата Рико, се удави, а уште шест лица се водат за исчезнати откако јахтата во понеделникот потона поради невреме на 20 километри источно од Палермо во јужна Италија. Медиумите објавија дека се спасени 15 лица.
Инцидентот се случил околу 5 часот по локално време, кога јахтата долга 56 метри потонала поради силниот дожд и големото невреме.
Крајбрежната стража и противпожарната служба спасиле 15 лица, а потрагата по преостанатите лица е во тек, се наведува во соопштението на италијанската противпожарна служба.
Бродот, кој пловел под британско знаме, потонал на длабочина од 49 метри (речиси 161 стапка), а во операциите, според соопштението, помага и хеликоптер.
На јахтата се наоѓале луѓе од Велика Британија, Нов Зеланд, Шри Ланка, Франција, Ирска, САД и Канада.
Претходно, неколку медиуми објавија дека четворица Британци, двајца Американци и еден Канаѓанец се водат за исчезнати по превртувањето на јахтата.
Едногодишно дете и неговата мајка се меѓу спасените и префрлени се во детската болница во Палермо на медицинска нега.