Kristina Maslareviç
11 Август 2016•Ажурирај: 12 Август 2016
БЕЛГРАД (АА) - Специјалната седница на Народното собрание на Србија за избор на влада, која започна во вторникот, со изложување на експозето на мандатарот Александар Вучиќ, продолжи денес во 10 часот, јавува Anadolu Agency (АА).
Денес следува расправата на пратениците во врска со експозето, која е предвидено да трае пет часа. Досега пријавени се 84 пратеници. Во текот на вчерашниот ден, за експозето расправаа шефовите на пратеничките групи во Собранието, а во вторникот мандатарот Александар Вучиќ го претставуваше експозето шест часа.
Според најавите на шефовите на парламентарните групи, за новата Влада ќе гласаат 160 пратеници, што претставува мнозинство од 250-те пратеници во Собранието на Србија, односно неопходниот услов за владата да биде избрана.
По расправата на пратениците следува гласање, кое може да биде тајно или со прозивка, доколку така одлучат пратениците. Ако се изгласа владата, премиерот и министрите ќе положат усна заклетва, по што ќе ја потпишат и ќе ја предадат на претседателката на Собранието, Маја Гојковиќ.