Alperen Aktaş
05 Август 2023•Ажурирај: 06 Август 2023
Природните катастрофи во Кина погодија речиси 16 милиони луѓе и резултираа со 147 жртви во јули, според Министерството за вонредни состојби на земјата, пренесува Анадолу.
Во истиот период поради несреќите итно се раселени 703.000 луѓе. Катастрофите предизвикаа и уривање на 4.300 куќи, големи штети кај 8.400 домови и помали штети на 40.000 станови.
Илјадници хектари обработливо земјиште, исто така, беа погодени од природните катастрофи, што резултираше со директна економска загуба од 41 милијарда јуани (5,7 милијарди долари), објави „Чајна Дејли“, цитирајќи ги податоците на Министерството.
Пекинг воведе вонредна состојба на ниво 4 во многу покраини поради силните дождови и поплавите. Испратена е работна група за помош и поддршка на погодените луѓе.
Министерството за финансии и Министерството за водни ресурси доделија 450 милиони јуани (63 милиони американски долари) за поддршка на напорите за спречување поплави и за обновување на оштетената инфраструктура во регионот Пекинг-Тијанџин-Хебеи.
Во текот на целиот август се очекува во овие региони да има повеќе врнежи од дожд во споредба со претходните години, а, според прогнозите, се предвидува температурите да бидат на исто ниво или да ги надминат историските рекорди за истиот период.
Кина е сведок на најобилни врнежи во последните 140 години откако тајфунот Доксури ја погоди земјата минатиот петок.
Во северозападна Кина се предвидува дека во петок ќе започне 10-дневен топлотен бран, со температури до 40 Целзиусови степени во некои области.