Dmitri Chirciu
25 Јуни 2023•Ажурирај: 26 Јуни 2023
МОСКВА (АА) - Евгениј Пригожин, основачот на руската безбедносна компанија „Вагнер“, заедно со борците го напушти рускиот град Ростов, јавува Анадолу.
„Конвојот на 'Вагнер' го напушти Ростов и се упати кон теренските кампови“, рече гувернерот на Ростовската Област, Василиј Голубев, во изјавата на својот канал на Телеграм.
На снимките на социјалните мрежи се гледа како „Вагнер“ ја напушта зградата на Главниот штаб на рускиот Јужен воен округ во Ростов и ја носи целата своја воена опрема од градот.
Освен тоа, се појавија и снимки од основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, додека го напушта Ростов со автомобил.
Во соопштението на Руската сојузна агенција за автопати (Росавтодор) се наведува дека се укинати сите ограничувања на автопатите.
Наведено е дека ќе биде укината „антитерористичката операција“ прогласена поради вооружениот бунт во регионите по должината на украинската граница, особено во Москва и Подмосковје.
Евгениј Пригожин, основачот на „Вагнер“, ја обвини руската војска за напад на „Вагнер“ и се закани со одмазда, по што борците на „Вагнер“ ја напуштија Украина и влегоа во пограничниот регион Ростов.
Потоа Федералната служба за безбедност (ФСБ) отвори кривична постапка под обвинение за „вооружен бунт“. Рускиот претседател Владимир Путин го опиша бунтот на „Вагнер“ како „предавство“.
Пригожин најави дека ќе се упатат кон Москва, а администрацијата на Кремљ ги зголеми безбедносните мерки во многу делови од земјата.
Пригожин наводно потоа го прифатил предлогот на белорускиот претседател Александар Лукашенко за деескалација на тензиите во Русија. Синоќа изјави дека на 200 километри од Москва сфатиле дека треба да се вратат со конвоите за да се избегне крвопролевање.