Umar Farooq
23 Декември 2018•Ажурирај: 24 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Специјалниот претставник на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) во глобалната коалиција за борба против ДЕАШ, Брет Мекгурк, поднесе оставка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Оставката на Брет Мекгурк ќе стапи на сила на 31 декември. Тој на оваа функција беше три години.
Мекгурк работеше под управа на последните три американски администрации, со што е еден од ретките лица назначени од поранешниот претседател Барак Обама што ја има задржано својата функција под администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Тој, исто така, служеше и во администрацијата на Буш.
„Брет Мекгурк првично сакаше да ја напушти функцијата во 2019 година, но одлучи да ја забрза својата оставка поради големите несогласувања со Трамп во врска со повлекувањето на американските војници од Сирија“, јави американскиот телевизиски канал „Си-би-ес њуз“ (CBS News), цитирајќи анонимни извори.
Според „Асошиетед прес“ (The Associated Press), одлуката за повлекување на 2.000 американски војници од Сирија дошла по телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а Трамп ја донел одлуката без да се консултира со неговите високи службеници за национална безбедност, ниту со некој од клучните сојузници на САД.
Оставката на Мекгурк доаѓа како изненадување, бидејќи минатата недела специјалниот претставник на новинарите во Стејт департментот им изјави дека САД ќе останат посветени на борбата против терористичката организација ДЕАШ.
„Никој не објавува дека мисијата е завршена. Поразувањето на физичкиот калифат е една фаза од многу подолгорочната кампања“, изјави Мекгурк за новинарите.
Мекгурк ја испратил својата оставка во петокот, еден ден откако секретарот за одбрана, Џејмс Матис, се повлече, велејќи дека неговите ставови не се совпаѓаат со оние на претседателот. Матис ќе ја заврши својата функција во февруари.
Тој истакна дека најважниот дел од одбранбената стратегија на САД е одржувањето на сојузништвото со другите нации, додека Трамп повикува на зголемувањето на изолационизмот за време на неговото претседателствување, како дел од неговата агенда „Прво Америка“.
Според „Си-би-ес њуз“, по напуштањето на администрацијата на Трамп, Мекгурк планира да работи на Универзитетот „Стенфорд“.