Ekipa
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Претседателот на Комитетот за одбрана, внатрешни и надворешни односи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Али ел-Наими, истакна дека израелската војна против Газа нема да влијае на „искрениот мир“ меѓу Израел и ОАЕ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за израелскиот весник „Једиот ахронот“ („Yedioth Ahronot“), Наими ги оцени односите меѓу Израел и ОАЕ.
Истакнувајќи дека израелската војна против Газа нема да го наруши искрениот мир меѓу двете земји, Наими рече дека се надева оти неговата земја ќе го потпише договорот за нормализација со Израел овој месец и дека престолонаследникот на Абу Даби, Мохамед бин Заид ал Нахјан, наскоро ќе го посети Тел Авив.
Наими соопшти дека летовите меѓу двете земји ќе започнат веднаш по потпишувањето на договорот. Тој, исто така, додаде дека очекува Израел да го смени својот став кон ОАЕ за купувањето на „F-35“ од САД.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на 13 август соопшти дека Израел и ОАЕ постигнале договор за „целосно нормализирање на нивните односи“.
Обединетите Арапски Емирати така станаа трета арапска земја, која со Израел постигнала договор за нормализација на односите, а претходно тоа го сторија Египет (1979) и Јордан (1994).