Burç Eruygur
05 Февруари 2023•Ажурирај: 06 Февруари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин, рече дека Обединетите нации (ОН) треба да ги истражат „злосторствата против човештвото“ на Вашингтон, осврнувајќи се на обраќањето на поранешниот американски државен секретар Колин Пауел во Советот за безбедност на ОН во 2003 година, кога тврдеше дека Ирак има оружје за масовно уништување, пренесува Анадолу.
„Поминаа 20 години од една од најголемите измами на светската заедница од страна на САД. На состанокот на Советот за безбедност на ОН, државниот секретар Пауел го обвини Ирак дека произведува оружје за масовно уништување, презентирајќи епрувета со 'бела материја' како доказ“, истакна Володин преку објава на Телеграм.
Тој рече дека Советот за безбедност на ОН не му дал дозвола на Вашингтон да употреби сила, но дека САД сепак го нападнале Ирак, со што половина милион цивили станаа жртви, додека претседателот на земјата беше погубен.
Истакнувајќи дека Пауел подоцна признал дека сцената со епрувета била „измама“ и дека Вашингтон не е повикан на одговорност за тоа, Володин нагласи дека целата политика на САД и колективниот Запад е „заснована на лаги“.
„Исто беше и со 'непроширувањето' на НАТО на исток. Договорите од Минск (2014) исто така се покажаа како измама - само што овој пат (поранешната германска канцеларка Ангела) Меркел и (поранешниот француски претседател Франсоа) Оланд се однесуваа како Пауел. ОН треба да ги истражат злосторствата на Вашингтон против човештвото“, рече Володин.
„Политичарите кои ги донесоа одлуките треба да бидат казнети за милионите жртви, бегалци, уништени животи, уништени држави“, додаде тој.
Пауел во 2003 година пред Советот за безбедност на ОН тврдеше дека поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин поседува програма за оружје за масовно уништување. Тоа тврдење послужи како основа за инвазијата на САД на Ирак.