Ahmet Furkan Mercan
28 Август 2020•Ажурирај: 29 Август 2020
ТОКИО
Шинзо Абе, најдолговечниот јапонски премиер, објави дека поднесува ставка поради здравствени проблеми, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одлучив да отстапам од позицијата премиер бидејќи лошото здравје не би требало да доведе до погрешни политички одлуки“, рече 65-годишниот Абе, обраќајќи ѝ се на нацијата во живо.
Абе, кој боледува од улцерозен колитис, рече дека ќе продолжи да ја извршува работата додека не биде избран неговиот наследник. Владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) ќе одржи гласање за предложените кандидати на партијата за премиерската функција.
„Во политиката е најважно да се постигнуваат резултати“, рече Абе, во чиј мандат Јапонија стана трета по величина светска економија.
Неговиот четиригодишен мандат треба да заврши во 2021 година. Но, мандатот на Абе престанува во екот на пандемијата на Ковид-19, која ја сруши јапонската економија.
Истакна дека неговото здравје се влошило од средината на јули, а дека новиот лек мора да го применува внимателно. Лидерот на ЛДП одби да го коментира својот наследник, изјавувајќи дека таа работа ѝ ја препушта на партијата.
Абе долго време е хронично болен, а пати од улцерозен колитис, болеста која го присили да отстапи во 2007 година, само една година откако во 52. година стана најмлад јапонски премиер во повоената ера.
Во изминатите недели имаше различни тврдења за неговото здравје, бидејќи помеѓу средината на јуни и почетокот на август, речиси 50 дена, не одржал конференција за медиумите и имал низа посети во болница.
Исто така, јавно е критикуван поради лошите постапки на Владата во борбата против коронавирусот (Ковид-19).