Ekipa
10 Мај 2018•Ажурирај: 11 Мај 2018
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Врховната изборна комисија на Малезија ги соопшти прелиминарните резултати од вчерашните парламентарни избори. Комисијата ја потврди победата на поранешниот малезиски премиер, Махатир Мухамед, и неговиот опозициски блок „Надежта на народот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Обединетата опозиција освои 122 пратенички места во малезискиот Паламент, кој брои 222 парламентарци.
Со освоени повеќе од половината пратенички места во Парламентот, кандидатот на опозицијата, 92-годишниот Махатир, се враќа на функцијата премиер на Малезија.
На изборите излегоа 76 отсто од гласачите.
Актуелниот премиер Разак ја предводи коалицијата Народен фронт, во чиј состав, најсилна политичка опција претставува Обединетата малајска национална организација (ОМНО), која е на власт од 1957, по малезиското стекнување независност од Велика Британија.
Блокот на Разак освои 79 пратенички места во Парламентот, во кој досега имаше 133 претставници. На третата позиција е Исламската партија на Малезија со освоени 18 пратеничи места.
Премиерот Разак доцна синоќа порача дека ќе ја почитува одлуката на народот, додавајќи дека сѐ уште ниту една опција нема мнозинство во Парламентот. Тој изјави и дека одлуката за тоа кој ќе биде следниот премиер на Малезија ќе ја донесе малезискиот султан Мухамед.
Махатир синоќа изјави дека неговиот опозициски блок освоил повеќе од половината пратенички места во Парламентот на Малезија и дека тоа е доволно за негово враќање на функцијата премиер на таа земја.
Илјадници граѓани излегоа на улиците, славејќи ја победата на Махатир Мухамед и неговиот блок, а тој, во своето обраќање ги повика граѓаните да бидат умерени и да не предизвикуваат безредија.
Махатир е 92-годишен политичар кој ја извршуваше функцијата премиер на Малезија од 1981 до 2003 година и е политички ментор на актуелниот премиер Разак.