Şenhan Bolelli
16 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
МАДРИД (АА) - Во Шпанија проектот за електрични автобуси без возач во јавниот превоз за првпат започна во главниот град Мадрид, известува Анадолу.
Првото тест-возење на електрични автобуси без возач се одржа во паркинг-зоната Каса де Кампо во градот, како дел од проектот што го започна автономната влада на Мадрид за поддршка на нови еколошки и одржливи мерки за јавен превоз за време на „Европската недела на мобилност“, што се одржува од 16 до 22 септември.
Електричниот автобус без возач, што работи на куса релација од само шест станици, има капацитет од 12 патници.
Возилото кое во нормални услови може да достигне брзина до 40 километри на час, за време на тест-возењата ќе се движи со максимална брзина од 15 километри на час, а траењето на батеријата е ограничено на 8-10 часа.
Во разговор со новинарот на Агенција Анадолу (АА), Франциско Санчез, директорот на Одделот за електроника и паметна мобилност CTAG, изјави:
„Ова е возило што го развивме за јавен патнички превоз и започнавме со пилот-тест возења. Ова е возило што може да се користи само на кратки растојанија од 1 до 5 километри“, посочи тој.
Санчез, информирајќи дека покрај во Мадрид, наскоро ќе започнат со тест-возења и на Универзитетот во Виго, во северна Шпанија, продолжи со зборовите:
„Овие возила нудат решение за проблемите со јавниот превоз и за многу кратко време ќе бидат отворени за конкурентност на пазарот. Во моментов, тест-возењата на овие возила се спроведуваат во многу градови низ светот“.
Санчез истакна дека нема замена за големите 12-метарски јавни автобуси што моментално работат во сите градови. Тој додаде дека ваквите возила би можеле да се користат во градските центри, паркинзите, универзитетите и индустриските објекти, каде што не се дозволени поголеми возила.
Бидејќи сегашните прописи во Шпанија забрануваат возила за јавен превоз без возач, во возилото што го започна тестот имаше и „набљудувач“.
Иако властите ја нагласуваат безбедноста на возилото, кај кое беше забележано дека е многу чувствително на пешаците и на возилата што минуваат, особено велосипедистите и мотоциклите, се забележа дека за време на пилот-тестирањето, возилото честопати мораше од набљудувачот да биде префрлано од автоматско на рачно управување.
Автономната влада на Мадрид планира активно да ги користи овие типови електрични возила без возач почнувајќи од 2026 година.