Sayed Khodaberdi Sadat
18 Ноември 2018•Ажурирај: 19 Ноември 2018
КАБУЛ (АА) - Авганистанскиот Висок совет за мир соопшти дека е постигнато усогласување меѓу претставниците на талибанците и американскиот претставник за повлекувањето на странските сили од Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Потпретседателот на Високиот совет за мир, Дин Мухамед, во главниот град на земјата, Кабул, истакна дека американскиот специјален претставник за Авганистан, Залмај Халилзад, по вторпат реализирал средба со претставниците на талибанците, и постигнал усогласување за повлекување на странските сили од оваа земја.
Мухамед информираше дека наскоро може да започне првата фаза на мировните преговори со талибанците, и дека прелиминарните мировни услови на талибанците се повлекување на странските сили, ослободување на притворените припадници на организацијата, и отстранување на оваа организација од црната листа.
Тој нагласи дека наскоро се очекува ослободување на некои припадници на оваа организација кои претходно биле притворени.
Мухамед истакна дека Високиот совет за мир не е вклучен во преговорите меѓу САД и талибанците, и затоа, рече тој, тие не се информирани за деталите на преговорите.
Американскиот специјален претставик за Авганистан, Залмај Халилзад, во изминатите недели во Катар се сретна со претставниците на талибанците.
Претседателот на Авганистан, Ешреф Гани, ги започна средбите со политичките лидери, со цел определување на членовите на комисијата за помирување која ќе се формира за започнување на мировните преговори со талибанците.
Претседателскиот портпарол, Харун Чахансури, истакна дека претседателот Гани се сретнал со политичките лидери, политичарите и претставниците на талибанците во врска со формирањето на комисијата за помирување и за учесниците на овие преговори.
Чахансури нагласи дека мирот е национална тема, и затоа, рече тој, во врска со тоа ќе се консултираат со секоја страна.