Ahmet Dursun
03 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
ТЕХЕРАН
Портпаролот на иранската Влада, Али Раби, изјави дека САД ја преминале црвената линија и се закани дека Иран наскоро ќе возврати на синоќешниот напад во Багдад во кој е убиен генерал Касим Сулејмани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот Раби за Иранската државна телевизија рече дека генерал Сулејмани бил командант на Елитната единица на Ерусалим, поврзана со Иранската револуционерна гарда и симбол на иранската моќ.
„Иран за свое право смета да се одмазди и да ја одбрани честа на Сулејмани. Нашиот верски водач ни рече да не предизвикуваме војна, но САД ја преминаа нашата црвена линија. Несомнено е дека ќе добијат одговор“, порача Раби.
Истакнувајќи дека со нападот на Сулејмани директно е загрозена националната безбедност на Иран, Раби порача дека Иран ќе му одржи лекција за паметење на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во исто време, низ цел Иран денес се одржуваат масовни демонстрации поради синоќешниот напад во Багдад.
Илјадници Иранци по петочната молитва излегоа на улиците извикувајќи антиамерикански слогани. Најмасовни протести се одржаа во Техеран, Кирмани, Ком и Захедан.
Во синоќешниот напад на аеродромот во Багдад убиен е генерал Сулејмани, кој ја предводеше Елитната единица на Иранската револуционерна гарда, а Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (Пентагон) соопшти дека нападот е изведен од страна на американските сили по директива на претседателот Доналд Трамп.
Во нападот е убиен и Ебу Мехди ал Мухендис, заменик-претседател на проиранската организација „Хашд ал Шаби“.
Амбасадорот на Иран во Багдад, Масџеди, изјави дека нападот се случил еден час по полноќ и дека се убиени вкупно 10 лица.
Иранскиот верски водач, ајатолахот Али Хамнеи, прогласи тридневна национална жалост.
„Сулејмановата борба и пат не можат да бидат запрени. Одговорните ги очекува одмазда што ќе биде болна“, порача Хамнеи.