Поранешниот јужнокорејски премиер Хан осуден на 23 години затвор поради обидот за воведување воена состојба
Централниот окружен суд во Сеул ја донесе пресудата во првата судска одлука со која официјално се потврдува дека прогласувањето воена состојба на 3 декември 2024 година претставувало обид за бунт
ИСТАНБУЛ (АА) – Судот во Јужна Кореја денес го осуди поранешниот премиер Хан Дак-су на 23 години затвор поради неговата улога во неуспешниот обид за воведување воена состојба за време на администрацијата на соборениот претседател Јун Сук-јол, пренесува Анадолу.
Централниот окружен суд во Сеул ја донесе пресудата во првата судска одлука со која официјално се потврдува дека прогласувањето воена состојба на 3 декември 2024 година претставувало обид за бунт, објави новинската агенција „Јонхап“.
Хан (76) ја извршуваше функцијата премиер во Владата на Јун, кој беше симнат од функцијата минатата година поради обидот да воведе воена состојба во земјата.
Со оваа пресуда првпат еден член на Кабинетот на Јун е осуден за вмешаност во обидот за воведување воена состојба, кој беше спречен откако пратеници итно се собраа во Парламентот и изгласаа резолуција против одлуката на тогашниот претседател.
Минатата недела и Јун беше осуден на пет години затвор по обвиненија дека ги попречувал истражителите во обидот да го приведат минатата година.
Специјалниот обвинител, кој ја води истрагата за случајот со воената состојба, побара и смртна казна за Јун за обвиненијата за бунт. Судската одлука за тој случај се очекува на 19 февруари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
