Elena Teslova
27 Октомври 2022•Ажурирај: 29 Октомври 2022
МОСКВА (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) ги користат животите на Украинците како адут за пазарење, изјави денеска поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Претставниците на двете политички партии во САД ги објаснуваат своите неуспеси и победи преку случувањата во Украина“, истакна преку Телеграм Медведев, кој моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија.
Тој рече дека испораките на американско оружје за Украина се платени со животите на рускиот и украинскиот народ, бидејќи продолжувањето на војната значи повеќе смрт, и порача дека војната нема да престане сѐ додека продолжува доставувањето на оружје.
„Украинците со своите животи плаќаат за бесконечната испорака на американско оружје и за „трудот“ на инструкторите и платениците. Тие се подготвени да платат и во случај на употреба на „валкана бомба““, рече Медведев.
Тој нагласи дека животите на Русите ќе бидат одмаздени на бојното поле или „на други начини“, додека животите на Украинците ќе бидат заборавени.
„И нашиот народ страда. Но, единствената разлика е во тоа што нашиот народ ќе биде одмазден. Сите. И на бојното поле, и во други земји далеку од бојното поле. И секако, не во рамки на неодржливи судски процеси. На други начини“, рече Медведев и додаде:
„Но, никој нема да се сеќава на Украинците. Главната работа за американскиот естаблишмент е нешто друго – кој ќе ги контролира Претставничкиот дом и Сенатот. Затоа, војната е до „победничкиот крај“, или подобро, само до крајот, крајот на Украина.“