Ekipa
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
КАРАЧИ (АА) - Специјалниот суд во Исламабад денес му изрече смртна казна на поранешниот претседател на Пакистан, Первез Мушараф, во случајот во кој е обвинет за велепредавство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пресудата ја донесе тричлениот судски совет на чело на кој беше судијата на Врховниот суд во Пешавар, Вакар Ахмад Сет.
Поранешниот пакистански претседател во март 2014 година беше обвинет за големо велепредавство поради воведувањето вонредна состојба и суспендирањето на Уставот во 2007 година.
Во август 2017 година тој беше прогласен за „бегалец“ од страна на пакистанскиот Антитерористички суд, во пресудата за убиството на двократната премиерка, Беназир Буто, во 2007 година.
Пресудата е донесена со гласовите на двајца судии, а во краткото образложение се наведува дека врз основа на тримесечното анализирање на жалбите, записите, аргументите и фактите за тој случај, утврдено е дека Мушараф е виновен за велепредавство врз основа на член 6 од Уставот на Пакистан.
Мушараф е поранешен генерал полковник на пакистанската Војска, а на функцијата претседател на Пакистан беше од 2001 до 2008 година.