Ekipa
10 Јануари 2023•Ажурирај: 11 Јануари 2023
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е хоспитализиран во Соединетите Американски Држави (САД) поради болки во стомакот, потврди неговата сопруга, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мишел Болсонаро преку Инстаграм објави дека нејзиниот сопруг е „под опсервација во болница поради абдоминална болка“.
Таа истакна дека тоа е поврзано со инцидентот што го претрпел Болсонаро во 2018 година, кога беше прободен.
„Се молиме за неговото здравје и за Бразил. Господ да не благослови“, додаде таа во објава на Инстаграм.
Претходно истиот ден, во локалните медиуми беше објавено дека Болсонаро е примен во болницата „Адвент хелт селебрејшн“ во Орландо.
Поранешниот лидер чувствувал болки во пределот на цревата и се очекувало да биде подложен на медицински прегледи, според бразилскиот медиум „Подер360“. Од 2018 година, кога беше прободен, политичарот на екстремната десница беше хоспитализиран најмалку шест пати.
Инаку, во неделата стотици приврзаници на Болсонаро упаднаа и ги опустошија законодавните домови во главниот град Бразилија, Претседателството, Конгресот и Врховниот суд.
Безбедносните сили успеаја да ја вратат контролата, а Лула спроведе Федерална интервенција, наложувајќи им на Вооружените сили да ги приведат поддржувачите на Болсонаро.
Околу 1.200 демонстранти се уапсени во врска со инцидентот додека камповите за поддршка на Болсонаро, формирани од неговите приврзаници, се демонтираат во најмалку шест држави и Федералниот округ, со наредба дадена од министерот на бразилскиот Федерален Врховен суд. Александар де Мораес.
Врховниот суд, исто така, го тргна гувернерот на Федералниот округ Ибанеис Роча од функцијата на три месеци по немирите во владините згради во Бразилија.
Во неделата, Лула обвини дека Болсонаро ги охрабрил таквите акции во голем број негови говори.
Болсонаро ги отфрли обвинувањата упатени против него: „кои без докази ми ги припишува актуелниот шеф на извршната власт на Бразил“.
Болсонаро во твит напиша дека „мирните демонстрации, во рамки на законот, се дел од демократијата. Но, упадите и опустошувањето на јавни објекти, оние што се случија денес, како и оние што ги практикуваше левицата во 2013 и 2017 година“ не се во рамките на законите.
Болсонаро го напушти Бразил два дена пред инаугурацијата на Лула на 1 јануари.