Cüneyt Karadağ,Mesut Zeyrek
14 Март 2024•Ажурирај: 15 Март 2024
БЕРЛИН (АА) - Стотици летови се откажани поради штрајк на безбедносниот персонал на германските аеродроми во Келн, Хамбург, Берлин, Штутгарт и Карлсруе, пренесува Анадолу.
Здружението на германски аеродроми (АДВ) објави дека со штрајковите се погодени повеќе од 580 лета и 90.000 патници.
Сите полетувања од Берлин и Келн беа откажани, а авионите што слетаа повторно полетаа без патници.
Синдикатот на Обединетите служби (Верди) претходно повика на целодневен „предупредувачки штрајк“ за денес.
Озај Тарим, еден од претставниците на синдикатот Верди во Келн, изјави дека во колективниот договор побарале покачување од 2,80 евра. Наведувајќи дека стапиле во штрајк бидејќи работодавецот не го исполнил ова барање, Тарим рече дека ефектот од штрајкот се гледа во откажувањето на летовите.
Тој истакна дека од преговорите зависи дали ќе има уште штрајкови.
„Наша цел е да постигнеме договор на маса. Работодавецот игра со времето. Поради тоа, принудени сме да вршиме притисок, а притисокот доаѓа преку штрајк. Тоа е наше основно право“, нагласи Тарим.
Петте рунди преговори за безбедносниот персонал досега не дадоа никакви резултати.
Синдикатот има цел да го зголеми притисокот врз преговорите за платите на околу 25.000 работници во секторот.
Синдикатот Верди бара зголемување на платите за 2,80 евра на час во период од 12 месеци и исплата на прекувремената работа од првиот час.