Övünç Kutlu
08 Јануари 2021•Ажурирај: 08 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Министерката за образование на Соединетите Американски Држави (САД), Бетси Девос, синоќа најави дека поднесува оставка, како последица на нередите во зградата на американскиот Капитол, кои предизвикаа смрт кај пет лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во оставката пратена на американскиот претседател Доналд Трамп, Девос изјави дека доволно видела оваа недела кога приврзаниците на претседателот во заминување се судрија со полицијата, упаднаа во зградата на Капитол и ги принудија членовите на Конгресот да се евакуираат кога ја започнаа седницата за официјално да ја потврдат победата на Џо Бајден.
„Децата го гледаат сето тоа и учат од нас. Сметам дека секој од нас има морална обврска добро да просудува и да го обликува однесувањето на коешто се надеваме дека ќе се огледаат“, наведува во писмото.
Девос (63) е најновото име на продолжената листа на оставки во администрацијата на Трамп како последица на нередите, меѓу кои се и американскиот специјален претставник за Северна Ирска, Мик Малванеј, кој беше поранешен шеф на Кабинетот на Трамп и министерката за сообраќај, Елејн Чао, која вчера ги најави нивните оставки.
Пред тоа, Мет Потингер, заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа, Стефани Гришам, шефицата на кабинетот на првата дама Меланија Трамп, Сара Метјуз, заменик-шефицата на Одделот за односи со јавноста на Белата куќа и Рики Ницета, социјалниот секретар на Белата куќа, поднесоа оставки.
Според локалните медиуми, и советникот на Трамп за национална безбедност, Роберт О'Брајан и заменик-шефот на Кабинетот, Крис Лидел, размислувале за оставка.