Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
20 Декември 2019•Ажурирај: 21 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) - Најмалку 80.000 луѓе ги напуштија своите домови во изминатите пет дена во Идлиб и избегаа кон турската граница поради интензивните напади кои во деескалациската зона ги вршат силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите сојузнички руски сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на Координацијата за дејствување во Сирија, Мухамед Халаџ, истакна дека силите на Асадовиот режим, ним здружените проирански терористички групи и руските сили изведуваат жестоки напади врз населените места во Идлиб, и дека сè поголем број локални жители ги напуштаат своите домови.
Тој рече дека најтешка е ситуацијата на периферијата на Маратинуман, на југот од Идлиб.
„Тие луѓе живеат во исклучително тешки услови. Стотици семејства се без покрив над главата. Најголем број се жени и деца кои засолниште бараат под крошните на маслиновите стебла“, вели Халаџ.
Истакнувајќи дека поради непрекинатите напади тешко е да се утврди бројот на раселени, Халаџ рече дека само во изминатите пет дена домовите ги напуштиле најмалку 80.000 лица.
Тој ги обвини Асадовите режимски сили и нивните сојузници дека бомбардираат училишта, болници, џамии и други цивилни објекти.
Мухамед Хашаш, жител кој го напушти Идлиб, за АА раскажа дека цивилите во тоа подрачје на Сирија го преживуваат најтешкиот период од почетокот на сириската војна.
„Ситуацијата е катастрофална. Помеѓу двата напади на Асадовите режимски сили има кратка пауза. Тоа го користиме за да избегаме. Кога напаѓаат руските воздушни сили, нема паузи, и никој не може да излезе надвор. Генерално, не знаеме каде одиме, само да побегнеме од тие напади“, рече Хашаш.
Во Идлиб, како упориште на сириската опозиција, живеат околу 4 милиони жители и интерно раселени лица кои се цел на силните режимски напади.
Со посредство на Турција, Русија и Иран во текот на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за деескалациска зона. На 17 септември 2018 година во Сочи постигнат е додатен договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона.
Согласно договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од подрачјето, а силите лојални на Асадовиот режим не запреа со артилериските и воздушните напади во тој регион.
Од потпишувањето на тој договор, во нападите на Асадовите сили и неговите сојузници врз Идлиб загинаа најмалку 1.300 цивили, а во изминатата година раселени се над 1 милион луѓе.