Almir Terzic
22 Август 2024•Ажурирај: 27 Август 2024
ЗАГРЕБ (АА) - Поради зголемениот број сообраќајни несреќи во кои се инволвирани возачи на електрични скутери, сообраќајните експерти во Хрватска бараат измени во законските одредби со кои подобро би се регулирала оваа област, известува Анадолу.
Расправата за ова ја поттикна последната жртва, 55-годишна Кинезинка, која пред неколку дена им подлегна на повредите, откако беше прегазена од 21-годишен возач на електричен скутер во Загреб.
„Возачите на лични превозни средства мора да знаат дека со таквите возила треба да сообраќаат само по велосипедски патеки или ленти. Доколку тие не постојат на одредена улица, тие се должни да се движат на сообраќајни површини наменети за пешаци. Значи, доколку забележиме дека има пешаци кои се движат по таа површина, мораме да ја намалиме брзината на движење со електричен скутер и да ја заштитиме безбедноста на тој пешак“, нагласи Крешимир Мишиќ, началник на сообраќајната полициска служба на Полициската управа на Загреб.
Имено, според сообраќајниот закон во Хрватска, децата помлади од 14 години не би смееле да возат електричен скутер. На електричниот скутер може да има само едно лице, а задолжително е носење кацига и приспособување на брзината на сообраќајните услови. Но правилата се прекршуваат и до 20 август се евидентирани 2.596 прекршоци.
За прекршителите на законските регулативи постојат казни. Казната за управување со електричен скутер на пат изнесува 60 евра, возење без кацига 30, а доколку возачот на електричен скутер има слушалки во ушите, казната е дополнителни 30 евра. Обидот за бегство од полицајците кои сакаат да го запрат возачот на електричен скутер ќе чини речиси 1.000 евра.
До 20 август во Хрватска се евидентирани 266 сообраќајни незгоди во кои учествувале возачи на електрични скутери. Две лица загинаа, 71 се тешко, а 128 се лесно повредени.