Muhammet Nazım Taşcı
10 Септември 2022•Ажурирај: 12 Септември 2022
КВЕТА (АА) - Поплавите и водените буици во Пакистан уништија 40% од училиштата во пакистанската провинција Синд, известува Агенција Анадолија (АА).
Локалните медиуми ги пренесуваат извештаите на надлежните институции во кои се наведува дека во поплавите во провинцијата Синд во потполност се уништени 5.619 училишта, а значително се оштетени уште 12.000 училишта.
Покрај уништените училишта, повеќе од 2.500 училишта се претворени во колективни и логистички центри за помош. Во овие училишта сместени се повеќе од 65.000 семејства евакуирани поради поплавите.
Надлежните власти стравуваат дека уписот во државните училишта ќе се намали за 50%, а илјадници деца нема да можат да добијат основно образование.
Најавен е план за воведување на училишта за кампување во подрачјата погодени од поплавите и на тој начин да се ублажи оваа последица од поплавите.
Монсунските дождови во Пакистан предизвикаа поплави и свлечишта во кои од 14 јуни досега животот го загубија најмалку 1.396 лица.