Zehra Ulucak
29 Јули 2019•Ажурирај: 31 Јули 2019
АНКАРА
Бројот на починати во поплавите во источна и североисточна Индија, кои се предизвикани од обилните дождови од почетокот на јули, во текот на викендот се зголеми на 208, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според информациите во индискиот печат, од поплавите предизвикани од обилните дождови најмногу се погодени провинцијата Бихар, каде што 127 лица ги загубија своите животи, и провинцијата Асам, каде што загинаа 81 лице. Во Раџастан, во северозападниот дел на земјата, 13 луѓе загинаа во несреќите предизвикани од прекумерните врнежи.
Во провинцијата Асам, од поплавите погодени се 1.716 села од 18 области, а за жртвите од поплавите изградени се 615 кампови.
Во Бихар, бројот на лица погодени од поплавите ја надмина бројката од 8,5 милиони, а повеќе од 6.000 жртви на поплавите се сместени во кампови. Во провинцијата, од поплавите погодени се 13 региони. Според информациите, во регионот Ситамархи 37 лица ги загубиле своите животи, а во Мадхубани 30 лица.
Властите соопштија дека и во провинцијата Раџастан, како резултат на поплавите од обилните дождови, животот го загубиле вкупно 13 лица. Во областа Сикар загинале 6 лица, во Џајпур 4 лица и во Џхунхуну 3 лица.
Во Мумбаи, главниот град на провинцијата Махараштра, поради поплавите предизвикани од монсунските дождови вчера беа евакуирани 700 патници заробени меѓу две станици.